Хамас ги ослободи сите 20 преостанати израелски заложници по повеќе од две години заробеништво

4

Сите 20 израелски заложници, кои повеќе од две години беа во заробеништво во Појасот Газа, денеска беа ослободени од Хамас, пренесува Гардијан.

Заложниците најпрво биле предадени на Црвениот крст, а потоа, со поддршка на израелската армија, вратени кај своите семејства. Сцените на повторното обединување биле исполнети со емоции и солзи на радост.

Според израелските медиуми, уште пред официјалното ослободување, Хамас им дозволил на дел од заложниците да воспостават видео-повик со своите блиски, што дополнително го зголемило исчекувањето кај нивните семејства.

Емоционалните снимки од моментот на нивното враќање беа емитувани на израелските телевизии и пратени преку големи екрани поставени на „Плоштадот на заложниците“ во Тел Авив, каде што се собрале околу 65.000 луѓе. Илјадници други го следеле преносот од своите домови.

„Ова е победа за целиот народ,“ изјави семејството на Омри Миран (48), кој беше киднапиран пред очите на својата сопруга и две деца за време на нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година во кибуцот Нахал Оз.

Во изминатите две години, демонстранти секојдневно се собираа на плоштадот спроти седиштето на израелската армија, барајќи враќање на заложниците. Денес, нивното трпение беше наградено — по повеќе од 700 дена неизвесност, последните израелски државјани се вратија дома.

Makedonski