Ракометарите на Охрид го декласираа Баку со 44:11 и се на прагот на следната рунда во ЕХФ Европскиот куп

5

Ракометарите на Охрид направија огромен чекор кон пласман во следната рунда од ЕХФ Европскиот куп, откако на првиот натпревар во „СРЦ Билјанини Извори“ го совладаа Баку со неверојатни 44:11.

Од самиот почеток беше јасно кој ќе доминира – „Гладијаторите“ поведоа со 5:1, потоа ја зголемија предноста на 10:3, а на полувремето резултатот веќе изнесуваше 24:7.

Голманот Чаневски одигра натпревар за паметење – со 22 одбрани и 68% успешност, беше непремостлива пречка за азербејџанскиот тим.

Во вториот дел, тренерот Ројевиќ им даде шанса на сите играчи, но разликата само продолжи да расте. На крајот, Охрид победи со неверојатни 33 голови разлика.

Најефикасен беше Иванковиќ со девет погодоци, додека Ојлески и Ѓукиќ постигнаа по шест. Кај гостите се истакна Мамадов со четири гола.

Реваншот се игра утре од 18 часот повторно во СРЦ „Билјанини Извори“, но со оглед на убедливата предност, тој ќе биде само формалност — јасно е дека Охрид обезбеди место меѓу најдобрите 32 екипи во ЕХФ Европскиот куп.

Makedonski