Ескалација на тензиите меѓу Пакистан и Авганистан: затворени граничните премини по жестоки вооружени судири
Пакистан денеска ги затвори главните гранични премини со Авганистан – Торкам во северозападната провинција Кајбер Пахтунва и Чаман во југозападниот Балучистан – по жестока размена на оган меѓу пограничните сили на двете земји во текот на ноќта.
Според локални извори, пакистанските сили употребиле тешка артилерија, тенкови, борбени авиони и дронови, а двете страни тврдат дека му нанеле сериозни загуби на противникот. Засега нема официјални информации дека престрелките се прекинати, пренесува ДПА.
Пакистанскиот министер за внатрешни работи Мохсин Накви ги осуди, како што ги нарече, „неиспровоцираните напади“ на авганистанската страна насочени кон цивили.
„Пукањето од страна на авганистанските сили врз цивилното население претставува очигледно прекршување на меѓународното право. Авганистан ќе добие соодветен одговор за да се спречат идни закани,“ се наведува во соопштението на Министерството за внатрешни работи на Пакистан, објавено на мрежата Х (поранешен Твитер).
Локални медиуми јавуваат дека Пакистан зазел најмалку 19 авганистански гранични пунктови, при што има повеќе жртви на авганистанската страна, иако бројките не се официјално потврдени.
Тензиите предизвикаа загриженост кај регионалните и меѓународните сојузници, меѓу кои Саудиска Арабија, Катар и други земји кои повикаа на воздржаност и смирување на состојбата.
Конфликтот се случува само неколку дена по воздушните напади на Пакистан во Авганистан, вклучително и во Кабул, насочени против исламски милитанти за кои Исламабад тврди дека стојат зад порастот на нападите во земјата. Пакистанските власти подолго време ги обвинуваат талибанските власти во Авганистан дека им даваат засолниште или поддршка на милитантите, и покрај повеќекратните предупредувања.
 
			