Се заострува спорот меѓу Обвинителството и адвокатите во случајот „Пулс“
Полемиката меѓу Државното јавно обвинителство и дел од бранителите во предметот „Пулс“ се продлабочува, откако државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски испрати писмо до Адвокатската комора на Македонија, обвинувајќи ги некои адвокати дека со своите јавни настапи ја доведуваат јавноста во заблуда и го нарушуваат угледот на институциите.
По реакцијата на Обвинителството, со објава на Фејсбук се огласи адвокатката Сузана Јошевска-Анастасовска, оценувајќи дека писмото на државниот обвинител претставува „директен притисок врз слободата на говорот и професионалната независност на адвокатите.“
„Писмото на Јавното обвинителство до Адвокатската комора го чувствувам како притисок и директен напад врз мојата слобода на говор и професионална независност. Би сакала да го видам Обвинителството со иста енергичност кога е нападнато од извршната власт, бидејќи тоа е прашање на институционален интегритет, а не на лична суета,“ напиша Јошевска-Анастасовска.
Таа нагласи дека во своите јавни настапи секогаш отворено ја истакнувала својата улога како бранител во случајот, а не како независен правен експерт, со што, како што вели, не ја доведувала јавноста во заблуда.
Јошевска-Анастасовска се повика и на пресудата „Никула против Финска“ на Европскиот суд за човекови права (2002), во која е утврдено дека адвокатите имаат право да зборуваат за функционирањето на правосудниот систем без страв од санкции, доколку нивната критика е професионална и дадена во добра намера.
„Ако денот по утрото се познава, тогаш преку вакви реакции можеме да очекуваме дека Обвинителството повеќе ќе се грижи за својот имиџ отколку за суштината на обвинението,“ додаде таа.
Полемиката доаѓа по контроверзите околу јавните настапи на бранителите во случајот „Пулс“, кој го привлече вниманието на јавноста поради сериозноста на обвиненијата и чувствителноста на доказниот материјал.