11 Октомври – Денот на народното востание и почетокот на антифашистичката борба во Македонија
11 Октомври 1941 година претставува еден од најзначајните датуми во историјата на македонскиот народ – денот кога започна востанието против фашизмот и борбата за ослободување, самобитност и самостојност на Македонија. Овој настан го означува почетокот на Народноослободителната антифашистичка војна (НОАВМ) во Вардарска Македонија и ја втемели македонската борба за слобода како дел од поширокото антифашистичко движење во Европа.
Со вооружениот отпор, Македонија не стана квислиншка територија, туку напротив – се претвори во жешко подрачје за окупаторот, давајќи значаен придонес во конечната победа над фашизмот во Втората светска војна.
Клучен момент во востанието беше акцијата на првиот Прилепски партизански одред, кој на 11 октомври 1941 година изврши напад врз бугарската полициска станица и градскиот затвор во Прилеп, како и прекин на електричните и телефонските врски. Така беше трасиран патот кон организираната народноослободителна борба.
Веќе следниот ден, 12 октомври 1941 година, вооружените активности се проширија и во Кумановско, каде што во месноста Менкова колиба беше формиран Карадачкиот партизански одред, кој заедно со Кумановскиот партизански одред од месноста Студена вода ги интензивираше борбените дејства до 17 октомври истата година.
Денес, 11 Октомври се одбележува како Ден на народното востание на македонскиот народ, симбол на отпорот, достоинството и стремежот кон слобода. На овој ден ја чествуваме жртвата и храброста на партизаните, кои со својата бескомпромисна борба ја запишаа Македонија на страната на антифашистичката коалиција и дадоа вреден придонес во светската победа над фашизмот.