Докторот Зеќирја Шаини: „Мојата сопруга нема никаква врска со нападот – барам вистинскиот сторител да биде пронајден“
Три дена по вооружениот напад во центарот на Куманово, докторот Зеќирја Шаини се врати на местото на настанот и првпат јавно проговори за случајот. Тој категорично ги демантираше наводите дека неговата сопруга Арјета Адили е вмешана во обидот за негово убиство.
„Целосно ги отфрлам како неосновани и невистинити тврдењата дека зад овој чин стои мојата сопруга Арјета Адили. Итно барам од истражните органи да ја разјаснат ситуацијата и да постапат со почитување на семејната приватност“, изјави доктор Шаини.
Тој упати апел до полицијата и обвинителството да го пронајдат и уапсат вистинскиот извршител на нападот – лицето Л.Ф. (36) од Гостивар, кое е во бегство.
„Барам институциите да го откријат вистинскиот осомничен, а не случајот да го прикажуваат како семејна расправија или недоразбирање. Ако тоа беше така, јас никогаш немаше да живеам со таа госпоѓа“, додаде тој.
Шаини, кој воедно е носител на советничката листа на партијата НАИ во Општина Липково, изјави дека нападот нема политичка позадина, иако се случил во текот на изборната кампања.
„Апелирам до политичарите – да не се користат вакви трагични случаи за собирање политички поени. Сите вакви инциденти треба да се третираат сериозно и професионално, а не низ призма на политички интереси“, нагласи Шаини.
Инцидентот се случи во вторникот на пладне, само неколку чекори од полициската станица во Куманово, кога маскиран напаѓач со пиштол „9 мм“ пукал кон автомобилот што го управувал докторот Шаини.
Полицијата е во потрага по осомничениот Л.Ф., додека неговата сопруга А.А. (43) од Тетово, со живеалиште во Слупчане, е лишена од слобода под сомнение за соучество во делото. Според информациите, против двајцата е поднесена кривична пријава, а истрагата е во тек.