МНР потврди: Македонецот пронајден мртов во Љубљана е 38-годишен маж од Кочани
Министерството за надворешни работи денеска потврди дека безживотното тело пронајдено во Љубљана припаѓа на македонски државјанин роден во 1986 година во Кочани.
Според информациите добиени од словенечката полиција, неговите најблиски се веќе известени, а случајот го води Секторот за криминалистичка полиција.
„До Амбасадата на Република Северна Македонија во Љубљана беше доставено известување дека во текот на ноќта на 2 октомври 2025 година животот го загубил македонски државјанин, роден во 1986 година во Кочани. Согласно информациите од словенечката полиција, блиските на починатиот се известени, а случајот го разгледува Секторот за криминалистичка полиција“, стои во соопштението на МНР.
Од Министерството додаваат дека Амбасадата на Северна Македонија во Љубљана е во постојан контакт со семејството на починатиот и со надлежните словенечки институции, со цел обезбедување конзуларна поддршка и следење на понатамошната постапка.
Неофицијално, според првичните информации од словенечките власти, мажот бил претепан до смрт. Телото било пронајдено во четвртокот наутро во центарот на Љубљана.
Портпаролката на Полициската управа во Љубљана, Шпела Шкопорц, потврди дека станува збор за 38-годишен државјанин на Северна Македонија.
Телевизијата „Стар“ од Штип јавува дека починатиот е Стојче Ѓоргиев од кочанското село Грдовци. Ѓоргиев живеел и работел во Љубљана речиси две децении заедно со својот брат како градежен работник. На 2 октомври бил најден претепан од најмалку две лица, по што бил пренесен во болница, но им подлегнал на повредите.
Погребот на Ѓоргиев ќе се одржи утре во неговото родно место Грдовци.