Обвинение за петмина турски државјани за убиството во Штип

10

Основното јавно обвинителство Штип поднесе обвинителен акт против петмина турски државјани инволвирани во убиството на Енес Оздемир од Турција, извршено во мај годинава во центарот на Штип.

Еден од обвинетите се товари за директно извршување на кривичното дело убиство (член 123 став 1 од Кривичниот законик), како и за недозволено држење оружје (член 396 став 1).

Тројца негови сограѓани се обвинети дека му помогнале во извршувањето на делото, а петтата обвинета — жена — се товари за помагање на сторителот по извршувањето на убиството.

Според обвинението, 21-годишниот првообвинет, кој немал регулиран престој во државата, на почетокот на мај набавил полуавтоматски пиштол „FEG“ калибар 9 мм со избришани ознаки. Преку мобилна апликација се договорил да се сретне со жртвата во кафе-бар во центарот на Штип.

По краток разговор, обвинетиот наводно станал, отишол до тоалет и веднаш потоа се вратил, извадил оружје и испукал неколку куршуми кон Оздемир, нанесувајќи му шест прострелни рани од кои починал на самото место.

Тројцата обвинети кои му помагале, му обезбедиле сместување во Скопје и логистичка поддршка, вклучувајќи набавка на оружјето и транспорт до Штип на денот на убиството.

По злосторството, тие ја повикале петтата обвинета, која со сопствен автомобил ги превезла назад кон Скопје. Кога стигнале пред патарината „Миладиновци“, забележале полициска контрола. Жената го запрела возилото околу 300 метри пред рампата, овозможувајќи му на извршителот да избега.

Наскоро потоа, полицијата го пронашла и уапсила. Останатите четворица биле фатени при преглед на возилото.

Јавниот обвинител побара продолжување на мерката притвор за четворица обвинети, додека за петтата обвинета остануваат мерките на претпазливост што веќе ѝ се изречени.

Makedonski