Биланс на жртви по невремето во Бугарија – Еден граѓанин и двајца спасувачи ги загубија животите

11

Еден жител и двајца спасувачи го загубија животот за време на силните врнежи и поплави во одморалиштето Елените на Црното Море, соопшти бугарскиот министер за внатрешни работи Даниел Митов.

„Ова е голема катастрофа и мора да преземеме сите потребни мерки за надминување на последиците“, изјави Митов, повикувајќи ги граѓаните да не се спротивставуваат на евакуацијата. Според него, иако во моментов нема критични точки на брегот, властите остануваат во координација со метеоролошките служби поради најавените нови врнежи.

Од одморалиштето биле евакуирани шест жени, меѓу кои и три полски државјанки, но поради поплавите теренски возила не можеле да пристапат до дел од зградите. Во акцијата се вклучени нуркачи, спасувачки екипи од Несебар и Поморје, како и специјален амфибиски брод.

Порано денес градоначалникот на Бургас, Димитар Николов, прогласи делумна вонредна состојба до 6 октомври. Во Бургас, Рибарското село, Маринка и Черници за само 12 часа наврнале повеќе од 250 литри дожд на квадратен метар. Урнат е мост во областа Черници, блокирајќи пристап до вилите, а во Крајморје и Рибарското село наврнале 186, односно 117 литри дожд на квадратен метар.

Сообраќајот е ограничен во најпогодените области, копнениот пристап до пристаништето Крајморје е затворен, а пет брода се превртеле. Општинскиот кризен штаб е активиран и најави дека ќе ја следи состојбата и ќе организира евакуација каде што е потребно.

Граѓаните се повикуваат да останат дома и да избегнуваат патувања сè додека не се стабилизира ситуацијата.

Makedonski