Одобрено обвинението за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“

6

Советот за оцена на обвинителниот акт при Основниот кривичен суд во Скопје целосно го прифати обвинението за случајот со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

Од Судот информираат дека станува збор за обемен предмет со 37 обвинети и 33 бранители, што го направило процесот на доставување на обвинителниот акт особено сложен.

„Проблемите произлегоа од тоа што кај дел од обвинетите притворот беше заменет со други мерки, па при доставата не секогаш беше јасно каде се наоѓаат. Дополнителна потешкотија претставуваше и тоа што дел од адвокатите не беа достапни во своите канцеларии и покрај претходните најави“, наведуваат од Судот.

Со цел да не се пролонгира постапката, обвинителниот акт се доставувал преку судските служби, наместо по редовна пошта. Како што соопштуваат од Кривичниот суд, дополнителни проблеми настанале и поради тоа што во првично поднесената верзија на обвинението немало целосни лични податоци за обвинетите, ниту решенија за адресите на лицата со мерка куќен притвор, што дополнително морало да се проверува.

Makedonski