Минусни температури и снег на планините – најстудено на Попова Шапка
Утрово во Македонија беа измерени минусни температури на планините, придружени со нови снежни врнежи.
Најниската температура е регистрирана на Попова Шапка, каде што термометарите се спуштија до -4°C, а снежната покривка изнесува 26 сантиметри – најмногу во земјата.
Во Маврово и Лазарополе се измерени -2°C, додека во Крушево утрово беше нула степени. Најтопло беше во Гевгелија со 5°C.
Што се однесува до врнежите од дожд, најмногу наврна во Струмица – 52 литри на метар квадратен. Потоа следуваат Гевгелија, Демир Капија, Скопје и Тетово.
Покрај Попова Шапка, снежна покривка е измерена и во Лазарополе (16 см), Маврово (12 см), Ѓуриште (6 см) и Дебар (3 см).
Според информациите на АМСМ од утринава (06:50ч) поради врнежи од снег воведена е забрана за сообраќај на ТМВ на регионалниот пат Дебар Маврово.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено по влажни коловози, а интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини нема подолги задржувања за влез и излез од државата.