Коцевски: Предистрага и за вработени во УЈП за трагедијата во „Пулс“

10

Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски изјави дека во врска со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани се води предистрага за вработени во Управата за јавни приходи (УЈП), но и за лица од други институции. Според него, постапката не е завршена и можно е да бидат опфатени уште десетина кривични дела.

„Со завршување на обвинението не значи дека заврши и постапката за Кочани. Предистражната постапка беше отворена веднаш и таа сè уште трае“, рече Коцевски пред седницата на Советот на јавни обвинители.

Тој нагласи дека пораките објавени од Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) не се нови сознанија за Обвинителството, бидејќи тие веќе биле доставени до судот, одбраната и МВР.

Обвинителството располага и со други докази, меѓу кои и можни инкриминирачки дејствија поврзани со злоупотреба на службена положба, примање мито и оддавање доверливи информации за инспекциски контроли.

ИРЛ потсетува дека институциите имале механизми да го затворат локалот пред трагедијата, но тоа не било направено. „Иако институциите не се директни виновници за пожарот, тие имаат голема улога и одговорност“, наведоа од ИРЛ.

Во однос на вториот предмет, кој го води Обвинителството за организиран криминал против 13 полициски службеници, Коцевски рече дека обвинение сè уште нема затоа што на случајот работи само еден јавен обвинител.

„Сè уште имаме 70 јавни обвинители помалку, а тоа ќе трае уште најмалку три и пол години. Од тие причини постапката се води подолго време, но ќе заврши наскоро“, истакна тој.

Македонски