Партијата за акција и солидарност со тесно мнозинство на изборите во Молдавија
Владејачката Партија за акција и солидарност (ПАС) успеа да го задржи парламентарното мнозинство на изборите во Молдавија. Според конечните податоци на изборната комисија, по обработени 99,5% од гласовите, ПАС освои 50,03 проценти.
На второ место се пласираше прорускиот Патриотски блок со 24,3%, додека пратенички мандати обезбедија и сојузот Алтернатива (8%), партијата Ностру (6,2%) и ППДА (5,7%).
Изборите регистрираа одзив од 52 проценти, повисок од оној во 2021 година, кога гласале 48 проценти од избирачите.
Изборниот процес беше проследен со предупредувања за руски обиди за влијание, на што укажаа претседателката Маја Санду и Европската комисија. Иако анкетите ја фаворизираа ПАС, резултатот до последен момент се сметаше за неизвесен.
Санду изборите ги оцени како „најважни во историјата на Молдавија“, потенцирајќи дека силното руско влијание би можело да го загрози европскиот пат на земјата и да создаде ризик и за регионот, особено за Украина.
 
			