Алцхајмер – Камо да беше само научник, а не присутна модерна болест

Текст по повод 21.септември, интернационален Ден на Алцхајмеровата болест

86

Пишува: Марија Симоноска

 

Беше Алцхајмер

 

Погрешен час.

Не, не бев јас.

Сè на погрешно место.

Не, не бев јас.

Измислена приказна.

Не, не бев јас.

Погрешно минато.

Не, не бев јас.

Гладен сум.

Не, не сум гладен.

Згрешена улица.

Не, не сум јас. Јас сум твоето дете.

Не, не си ти.

Јас сум твојот сопруг.

Не, не си ти.

Погрешен тоалет.

Не не бев јас.

Каде е мајка ми?

-Ја чекам да дојди.

Татко ми ќе ме кара.

-Да одам дома ќе ме бара.

Каде ми се сите?

Никој не ме виде.

Викотници и пискотници.

Ама не беше, не не беше тој.

Ама не беше, не не беше таа.

Беше Алцхајмер.

 

Алцхајмер е сè поприсутен помеѓу нас. Оној кој не се соочил со оваа кобна болест не може ниту да разбере, ниту да има слика што значи, ниту пак да знае како е и со што сè се соочува првенствено целокупното семејство, а особено лицето на која врата влегол Алцхајмер.

Тешкото е во откривањето, а уште потешко е прифаќањето на оваа нова состојба кај заболеното лице.
Во Општина Прилеп и тоа како се потребни поголем број едукации, обуки и што поголем број  информации и споделувања  искуства за оваа болест којашто може да чукне на  која било врата и додека да трепнеш ќе ти биде пред очи.

Важноста на знаењето е од особено значење заради спречување на многу непријатности, а исто така и за олеснување на целокупното семејство и на заболеното лице.
Во Општина Прилеп потребен е дневен центар за којшто веќе сум зборувала  и се надевам дека ќе се овозможат овие услови каде што семејствата ќе можат да ги оставаат своите блиски додека ги извршуваат работните задачи и потоа да бидат повторно со нив. Нужноста од овие дневни центри ќе ја разберат само оние коишто се соочиле со истата.

За жал во Општина Прилеп дури ни Старскиот дом не  добива дозвола за зголемување на  бројот на вработени, а во иднина оваа потреба ќе биде сè поголема и поголема.
Да се здружиме сите заедно и заеднички да создаваме услови за подобар и полесен живот на сите идни генерации, но притоа да не забораваме дека тоа подразбира и грижа за сите категории  вклучувајќи ги и  семејствата  каде Алцхајмер  влегол.

Животот тече, но можеме да го уредиме неговиот тек само и само ако сите заеднички општествено делуваме и дејствуваме.

Makedonski