ОЦЦРП: Властите во Србија се обидуваат да влијаат врз независноста на Н1 телевизија
Нови информации до кои дошол Проектот за истражување на организиран криминал и корупција (ОЦЦРП) откриваат тајни разговори меѓу новиот директор на „Јунајтед Груп“, Стен Милер, и директорот на државниот „Телеком Србија“, Владимир Лучиќ, во врска со можни чекори за слабеење на телевизијата Н1 и медиумите во сопственост на „Јунајтед Медиа“ – еден од последните независни радиодифузери во земјата.
Според извор запознаен со внатрешните дискусии, како и врз основа на протечени преписки и фотографии, Милер на почетокот на месецот отпатувал во Белград, каде двапати се сретнал со Лучиќ. На средбите, како што тврди изворот, било разговарано за планови околу работењето на „Јунајтед Груп“ во Србија, вклучувајќи и можност за смена на долгогодишната директорка на „Јунајтед Медиа“, Александра Суботиќ, позната по тоа што одржува независна уредувачка политика и покрај силните притисоци.
Овие наводи доаѓаат во период кога претседателот Александар Вучиќ се соочува со повеќемесечни масовни протести против корупцијата и авторитаризмот. Додека голем дел од српските медиуми ги пренесуваат владините наративи, Н1 останува единствен канал кој редовно известува од протестите, истражува корупциски скандали и овозможува простор за опозициски гласови.
Иако ОЦЦРП нема докази дека Вучиќ директно наредил промени, неговите јавни изјави од февруари на телевизија Пинк укажуваат дека бил информиран за претстојни кадровски потези во Н1.
Во одговорите за ОЦЦРП, претседателскиот кабинет негираше било какво влијание врз медиумската уредувачка политика. Лучиќ, пак, исто така одби дека разговарал за смена на Суботиќ, тврдејќи дека средбите со Милер биле исклучиво за технички и регулаторни прашања.
Од „Јунајтед Груп“ и мнозинскиот сопственик „БЦ Партнерс“ категорично отфрлија обиди за политичко мешање во нивното работење, нагласувајќи дека уредничката независност останува загарантирана. Суботиќ, пак, оцени дека самата можност за разговори околу нејзиното отпуштање со претставници на конкурентска државна компанија е алармантна и претставува јасен сигнал за намера да се ослаби медиумската слобода во Србија.