Унгарија, Швајцарија и Австрија кандидати да бидат домаќини на средбата на Путин и Зеленски

5

Унгарија, Швајцарија и Австрија се нудат да бидат домаќини на средбата на Путин и Зеленски, откако американскиот претседател Доналд Трамп и европските лидери изјавија дека рускиот претседател Владимир Путин се согласил на средба еден на еден со Володимир Зеленски за започнување на мировни преговори, пишува Гардијан.

Министерот за надворешни работи Сергеј Лавров потврди дека Москва не отфрла ниту еден формат за мировни преговори за Украина, но тој не прецизира ниту кога ниту каде би се одржала таква средба, освен дека секоја средба на лидери мора да биде темелно подготвена.

Белата куќа исто така објави дека Виктор Орбан, проруски ориентираниот премиер на Унгарија и Трамп разговарале за можноста преговорите да се одржат во Будимпешта, но ниту од таму, ниту од Кремљ, нема официјална потврда за понудата. Потерниците за воени злосторства би можеле да ги обврзат унгарските власти да го уапсат Путин ако ја посети земјата, но Унгарија се повлекува од Меѓународниот кривичен суд. Доколку Орбан јавно се заложи да биде домаќин, тој може да изврши дополнителен притисок врз рускиот лидер, како од еден од неговите ретки сојузници, за да ја прифати средбата како неизбежна.

Австрија и Швајцарија исто така изјавија дека се подготвени да бидат домаќини на средбата. Швајцарија соопшти дека за време на посетата на Путин може да ги стави настрана своите обврски кон Меѓународниот кривичен суд.

„Ова има врска со нашата дипломатска улога, со меѓународна Женева како европско седиште на Обединетите нации“, рече швајцарскиот министер за надворешни работи, Ињацио Касис, а францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека Женева е можна локација за преговорите. Австрискиот канцелар Кристијан Штокер изјави дека неговата земја ја поддржува секоја иницијатива што води до праведен и траен мир кој ја штити безбедноста на Украина и Европа.

Makedonski