Судијата повторно ја одби кауцијата на Диди – останува во притвор до октомвриската пресуда
Шон „Диди“ Комбс останува во притвор откако сојузниот судија Арун Субраманијан по вторпат го одби неговото барање за ослободување со кауција во износ од 50 милиони долари. Како што пренесува „USA Today“, судот смета дека Комбс не понудил доволно уверливи докази дека не претставува ризик по јавната безбедност или опасност од бегство.
Комбс, кој беше осуден во јули за транспорт со цел вршење проституција, се наоѓа во Метрополитен притворниот центар во Бруклин. Неговиот правен тим предложи тој да биде пуштен на слобода и сместен во неговата вила во Мајами, но судот го отфрли предлогот, повикувајќи се на сериозноста на обвиненијата и досегашните докази за семејно насилство.
Судијата Субраманијан, исто така, се повика на сведочењата на поранешни партнерки на Комбс – познатата Р&Б пејачка Каси Вентура и анонимната „Џејн“ – кои го обвинија за долготрајна физичка и сексуална злоупотреба. Според судот, овие наоди го оневозможуваат Комбс да докаже дека не претставува опасност.
Покрај тоа, Комбс побара или поништување на пресудата или ново судење, тврдејќи дека примената на т.н. „Законот Ман“ во неговиот случај е неправична и без преседан. Неговиот тим тврдеше дека станува збор за консензуални односи во рамките на „свингерски начин на живот“, а не за проституција.
Сепак, обвинителството останува на ставот дека поранешните партнерки биле жртви на присила, манипулација и насилство. Изрекувањето на пресудата е закажано за октомври.