Аларм од МВР и ФБИ: Мрежата „764″ таргетира деца на социјалните мрежи — ги принудува на самоповредување и уцени

Министерството за внатрешни работи (МВР) упати итно предупредување до родителите, наставниците и пошироката јавност за опасноста од озлогласената онлајн мрежа „764". Станува збор за насилна екстремистичка заедница која преку популарни апликации и игри ги вербува децата и малолетниците, ги манипулира и ги принудува на самоповредување, споделување интимни снимки и животозагрозувачки дејствија.

4

За сериозноста на појавата со месеци предупредуваат и меѓународните безбедносни агенции, пред сè американското Федерално истражно биро (ФБИ), кое групата „764″ ја дефинира како дел од поширока нихилистичка насилно-екстремистичка мрежа.

Според информациите на МВР, членовите на оваа група воспоставуваат контакт со децата преку платформи за комуникација и онлајн игри како што се: Discord, Telegram, Roblox, Instagram, TikTok, Snapchat, Reddit, X (Твитер), Minecraft и Fortnite.

Агентите на овие групи најчесто се претставуваат како врсници или лица кои бараат пријателство и емотивна блискост. Откако ќе ја стекнат довербата на детето, започнуваат со сурова психолошка манипулација, закани и уцени.

„Ја стекнуваат нивната доверба, а потоа ги принудуваат да споделуваат интимни фотографии и видеоснимки, да се самоповредуваат, да вршат насилство врз други лица или животни, па дури и да преземаат дејствија кои можат да имаат животозагрозувачки последици”, предупредуваат од МВР.

Добиените материјали потоа се користат за дополнително уценување и одржување целосна контрола врз жртвата.

Знаци на предупредување за родителите

Од МВР апелираат родителите и старателите да обрнат посебно внимание на следниве промени во однесувањето на своите деца:

  • Ненадејни промени во расположението: Повлекување во себе, страв, изразена вознемиреност или раздразливост.
  • Таинственост: Невообичаено криење на екранот од мобилниот телефон или компјутерот.
  • Нови непознати контакти: Интензивна комуникација со непознати лица преку социјалните мрежи и платформи за игри.
  • Уцени и закани: Примање пораки со заканувачка содржина или барања за експлицитни снимки.
  • Физички траги: Необјаснети исеченици, гребнатини или други знаци на самоповредување.
  • Разговори за смрт: Изразување безнадежност, разговори или објави поврзани со смрт и самоубиство.

Од полицијата нагласуваат дека овие знаци не мора по дефиниција да значат загрозеност од групата „764″, но бараат итен, сочувствителен разговор со детето и проверка на состојбата.

Упатство за реакција и пријавување

МВР ги советува родителите да изградат однос на доверба со децата и да ги едуцираат никогаш да не споделуваат лични податоци, лозинки или фотографии со непознати. Жртвите на уцена не смеат да се чувствуваат виновни ниту да се плашат да пријават.

Доколку постои сомнеж или сознание за дејствување на оваа или слични групи, МВР ги дава следниве насоки:

  1. Зачувајте ги сите докази: Снимете ги пораките, корисничките имиња, линковите и сите релевантни податоци.
  2. Не влегувајте во конфликт: Не комуницирајте со лицата кои упатуваат закани.
  3. Не споделувајте експлицитен материјал: Строго е забрането преземање или препраќање материјали во кои се прикажани малолетници.
  4. Контактирајте го Секторот за компјутерски криминал: Пријавите се поднесуваат на официјалната е-пошта: cybercrime@moi.gov.mk.

„Заштитата на децата од онлајн злоупотреба е заедничка одговорност. Навременото препознавање на опасноста и пријавувањето на сомнителните активности можат да спречат сериозни последици и да спасат животи”, нагласуваат од МВР.