УХМР издаде предупредување: Силен ветер над 80 km/h и дожд во текот на ноќта

Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) најавува драматична промена на времето проследена со силен југозападен ветер кој ноќеска и утре претпладне ќе достигне брзина од над 80 километри на час. И покрај ветровитото време, температурите остануваат значително над просекот за овој период од годината.

8

Според прогнозата на УХМР, југозападниот ветер ќе започне да засилува во текот на вечерта, а најопасен ќе биде за време на ноќта и во утринските часови. Брзината од над 80 km/h може да предизвика кршење на гранки, оштетување на покривни конструкции и проблеми во сообраќајот, поради што граѓаните се повикуваат на зголемена претпазливост.

Какво ќе биде времето во Скопје?

Во главниот град се очекува умерен до засилен ветер од променлив правец. Температурите ќе се задржат на високи нивоа за средината на ноември.

Во вечерните часови и во текот на ноќта во Скопско и во поголем дел од земјата се очекуваат повремен дожд и зголемена облачност.

УХМР апелира до граѓаните да ги обезбедат предметите на терасите и да избегнуваат паркирање возила под стари и високи дрвја додека трае предупредувањето за силен ветер.