Речиси двоен скок на грипот за една недела: 116 нови случаи, Тетово и Куманово најпогодени

Бројот на пријавени случаи на грип и заболувања слични на грип во Македонија речиси се удвои за само една недела — од 61 на 116, што претставува раст од 90,2 проценти, покажува најновиот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) објавен на 5 ноември.

1

Во периодот од 26 октомври до 1 ноември најмногу пријави се регистрирани во Тетово — 48 случаи, наспроти само четири претходната недела. Следи Куманово со 26 и Скопје со 13 случаи, додека Прилеп и Гостивар бележат по седум пријавени заболувања. Тетово и Куманово заедно учествуваат со речиси 64 проценти од вкупниот број заболени во државата.

Најзастапена е возрасната група од 15 до 64 години со 84 заболени. Кај лицата постари од 65 години се регистрирани 25 случаи, а кај децата од пет до 14 години — седум.

Вирусот циркулира, но сезонскиот праг сè уште не е достигнат

Лабораториските анализи потврдуваат дека вирусот на грип веќе циркулира. Од 47 испитани примероци во ИЈЗ, четири биле позитивни на инфлуенца А — три несубтипизирани и еден од типот А(H1)pdm09. Дополнително, еден примерок бил позитивен на коронавирусот SARS-CoV-2.

Сепак, не сите 116 пријавени случаи се лабораториски потврден грип — неделниот епидемиолошки надзор ги опфаќа и заболувањата со симптоми слични на грип.

И покрај значителниот раст, ИЈЗ соопштува дека состојбата сè уште е на меѓусезонско ниво. Пријавената инциденца изнесува 6,3 случаи на 100.000 жители, додека границата за влез во сезонска активност е 7,32 случаи на 100.000 жители. Тоа значи дека сезонскиот бран сè уште не е официјално започнат, но неделниот раст покажува дека бројот на заболени се зголемува уште пред почетокот на зимата.

Од почетокот на сезоната 2026/2027 досега се регистрирани вкупно 343 случаи, од кои 127 на подрачјето на Тетово.

Вакцинација: 11.629 лица од ризичните категории

Паралелно со растот на заболувањата продолжува вакцинацијата против сезонски грип, која започна на 21 октомври. Според податоците од Управата за електронско здравство, со бесплатни вакцини досега се вакцинирани 11.629 лица од ризичните категории. Вакцинацијата се спроведува преку центрите за јавно здравје и здравствените домови, а пријавувањето се врши преку електронскиот систем.

„Вакцинацијата е најважната мерка за заштита од сезонски грип, особено за повозрасните лица, хронично болните, бремените жени, малите деца и здравствените работници”, потсетуваат од ИЈЗ.

Препораки: останете дома, мијте раце, проветрувајте

Грипот најчесто започнува нагло, со покачена температура, болки во мускулите, изразена исцрпеност и кашлица, а симптомите се поинтензивни во споредба со обичната настинка. Здравствените власти советуваат лицата со симптоми да останат дома, да избегнуваат блиски контакти, редовно да ги мијат рацете и да ги проветруваат просториите. Постарите лица, хронично болните и пациентите чии симптоми се влошуваат треба навреме да побараат лекарска помош.