РАЗДОР ВО ВЛАДИНИОТ ТАБОР?: Судир меѓу „Македонски концепт“ и ДПСМ на Иван Стоилковиќ поради прославата на „Зебрњак“

Сериозни искри и остри вербални пресметки ги разгореа односите меѓу помалите коалициски партнери во владината коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

59

Прашањето околу традиционалното чествување и историскиот карактер на меморијалниот центар „Зебрњак“ кај Куманово предизвика отворен судир меѓу политичката партија „Македонски концепт“ и Демократската партија на Србите во Македонија (ДПСМ), чиј лидер е Иван Стоилковиќ.

Македонски Концепт: Прославувањето на Кумановската битка на Зебрњак е навреда за македонскиот народ

Македонски Концепт излезе со остра реакција по прославата на Кумановската битка на Зебрњак, со која се одбележува српската воена победа од 1912 година над Османлиското Царство. Партијата оценува дека по оваа победа следи воспоставување српска окупаторска власт врз Вардарска Македонија и „жесток српски терор врз етничките Македонци и други несрпски народи”.

„За македонскиот народ, овие историски настани не претставуваат национално ослободување, туку почеток на нов период на туѓа власт, национално потиснување и негирање на македонската посебност — етноцид”, се наведува во соопштението на Централниот комитет на Македонски Концепт.“

Македонски Концепт ги повика надлежните институции да обезбедат почитување на достоинството на македонскиот народ и да реагираат на секое јавно поттикнување етничка омраза. Посебно барање е упатено до министерот за култура.

„Посебно очекуваме од министерот за култура Седат Сулејмани да преземе соодветни мерки за забрана на вакви настани во иднина.“

ДПСМ: Никој нема право да им забранува на Србите во Македонија да ја чуваат својата историја

Демократската партија на Србите во Македонија остро го осуди повикот на Македонски Концепт за забрана на одбележувањето на Кумановската битка на Зебрњак, оценувајќи го како „неприфатлив обид за ограничување на правата на српската заедница” и повика на историски дијалог наместо забрани.

„Никој нема право да им забранува на Србите во Македонија да ја чуваат својата историја, а најмалку некој беден губитник кој со своите шовинистички изјави се обидува да измами малку внимание.“

ДПСМ оценува дека фактот што еден историски настан се доживува различно во српската и македонската национална меморија не му дава право на ниту еден политички субјект да бара негово забранување.

„Битката кај Зебрњак од 1912 година е дел од српската историја. Историјата не е сопственост на една партија, а националното достоинство на еден народ не смее да се брани со негирање на правата на друг народ.“

Контекст

Реакцијата на ДПСМ доаѓа по соопштението на Македонски Концепт, кое прославувањето на Кумановската битка на Зебрњак го нарече „навреда за македонскиот народ” и побара забрана на ваквите настани. Претходно, слична остра критика упати и поранешниот премиер Љубчо Георгиевски, кој прославата ја окарактеризира како „комплетен историски кретенизам”. Кумановската битка од 1912 година останува една од најдлабоко поделените теми во македонско-српските историски односи.