Нова царинска такса за онлајн нарачки од 1 ноември: Temu, Shein и AliExpress на удар во ЕУ
Европската комисија воведува дополнителна „такса за ракување" за секој артикл нарачан од земји надвор од Унијата, која се наплаќа на веќе постоечката царина и не се враќа дури ни при рекламација.
Купувачите во земјите-членки на Европската Унија од 1 ноември ќе се соочат со нова дополнителна давачка за стоката нарачана онлајн од земји надвор од Унијата. Мерката директно ги погодува популарните глобални платформи за е-трговија како Temu, Shein и AliExpress, преку кои милиони европски потрошувачи секојдневно нарачуваат евтина стока.
Европската комисија ја утврди таканаречената „такса за ракување” преку делегирана уредба, со цел да ги покрие зголемените трошоци на царинските служби предизвикани од огромниот бран мали пратки што пристигнуваат на европскиот пазар.
Такса по артикал, не по пакет
Според појаснувањата од царинските и даночните управи, новата давачка не се наплаќа по пакет, туку по секој различен артикал во него.
Доколку во еден пакет има два исти производи, тоа ќе се смета за еден артикал, но секој различен производ носи дополнителен трошок.
Важно е да се напомене дека новата сума се плаќа и за сите пратки чија вредност надминува 150 евра, што досега не беше случај со стандардните царини. Таксата директно се додава на веќе постоечката царина која на испораките се наплаќа уште од јули.
Кој плаќа и дали има враќање на парите?
Давачката примарно ја плаќаат компаниите кои поднесуваат царински декларации — самите платформи, продавачите и курирските служби. Доколку продавачот одлучи да го префрли трошокот врз купувачот, граѓаните ќе го платат при самата нарачка или на курирот пред преземањето на пратката.
Клучна одредба е дека оваа такса нема да им се враќа на купувачите дури и во случаи кога стоката е вратена или оштетена.
Сепак, мерката нема да важи за производи кои во моментот на купување веќе се наоѓаат во магацини на територијата на ЕУ.
Дали ги засега граѓаните надвор од ЕУ?
Бидејќи регулативата важи исклучително за корисници во државите-членки на Европската Унија, таа нема директно да ги засегне граѓаните во регионот надвор од Унијата, вклучително и во Македонија.
Сепак, експертите предупредуваат дека последиците може индиректно да се почувствуваат и надвор од границите на ЕУ. Глобалните е-трговци би можеле да ги променат своите продажни цени и логистички рути за сите пазари, вклучително и за земјите од Западен Балкан.
Овој чекор е дел од пошироката стратегија на ЕУ за заштита на домашниот пазар и воспоставување фер конкуренција меѓу локалните и странските трговци.