„Сцени од ателјето“: Ивана Настески со 22 нови акварели ја претставува интимата на уметничкиот простор во Загреб

Тетовската уметница вчера ја отвори својата најнова самостојна изложба во Македонскиот културно-информативен центар во хрватската престолнина, продолжувајќи го циклусот на акварели со кој лани одбележа две децении ликовно творештво.

49

Најновата самостојна изложба на македонската ликовна уметница Ивана Настески, насловена „Сцени од ателјето”, вчера беше отворена во Македонскиот културно-информативен центар во Загреб, Хрватска. Изложба претстави 22 уметнички дела од најновата продукција на акварели на авторката, создадени во техниката која го карактеризира нејзиниот израз во последните години.

„Ателјето е место на тишина, набљудување и разговор со бојата”

Тематски, изложбата се фокусира на секојдневните, навидум обични предмети и моменти од уметничкиот простор на Настески – светлината, цветовите, овошјето и малите „сценографии” кои најчесто остануваат незабележани.

„Сцените од ателјето произлегуваат од моето секојдневно набљудување на светот околу мене. Ателјето за мене не е само простор во кој се создава – тоа е место на тишина, набљудување и разговор со бојата. Во него секојдневните предмети добиваат поинакво значење. Она што во обичниот поглед е едноставно, низ акварелот станува повод за истражување на светлината, формата, атмосферата и чувството”, изјави Настески.

Изложбата претставува природно продолжение на нејзиниот претходен циклус „Флора”, со кој уметницата го одбележа јубилејот од 20 години континуирано ликовно творештво.

Дел од културната програма на Македонија

Гостувањето во Загреб е дел од Годишната програма на Министерството за култура и туризам на Македонија за 2026 година, со која се промовира македонското уметничко творештво надвор од границите на државата.

Ивана Настески е родена во 1981 година во Тетово. Дипломирала на Факултетот за ликовна уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје во 2004 година, на одделот за графика, а во 2009 година магистрирала на одделот за графика и графички техники. Нејзиното творештво е препознатливо по суптилниот акварелен израз и истражувањето на односот меѓу секојдневието и уметничката трансформација.