„Многу врева за ништо”: ЕУ лидерите ја разводнија поддршката за Црна Гора, хрватското вето ја засени дебатата за проширување

Стратешката дискусија за проширувањето, која регионот ја чекаше со месеци, заврши со нејасни формулации и без конкретен рок за Подгорица. Македонија, и покрај децениското чекање, остана целосно надвор од радарот на Брисел.

7

Лидерите на Европската Унија вчера попладне конечно ја отворија долго најавуваната стратешка расправа за проширувањето и внатрешните реформи неопходни за прием на нови членки. Меѓутоа, дебатата брзо падна во сенка на хрватското вето врз Црна Гора, а заклучоците од состанокот, наместо јасен сигнал за забрзување, донесоа вообичаени формулации кои аналитичарите ги оценија како „разводнети” и недоволни.

Заклучоци: Геостратешка инвестиција без конкретен план

Во официјалните заклучоци објавени по состанокот, Европскиот совет ја нагласи „континуираната важност на проширувањето како геостратешка инвестиција во мирот, безбедноста, стабилноста и просперитетот”. Лидерите повторија дека процесот останува заснован на заслуги и дека и ЕУ и кандидатите мора да бидат подготвени во моментот на пристапувањето.

За Црна Гора, формулацијата беше внимателно балансирана: Советот „ја поздравува тековната работа на изготвување на договорот за пристапување” и „ја зема предвид намерата на ирското претседателство да работи на привремено затворање на преостанатите преговарачки поглавја, под услов Црна Гора да ги спроведе соодветните реформи”.

Оваа формулација, според аналитичарите, е доволно нејасна за да се толкува и како поддршка и како нејзино отсуство.

Чемерагиќ (ЕСИ): „Очекуваната поддршка за Подгорица беше разводнета”

Аналитичарот Ади Чемерагиќ од Европската иницијатива за стабилност (ЕСИ) не криеше разочарување од исходот. Во детална анализа објавена по состанокот, тој потсети дека Црна Гора има амбициозен план: затворање на сите поглавја до крајот на 2026, потпишување на договорот за пристапување во првата половина на 2027 и полноправно членство во 2028 година.

„Од Белград, преку Скопје, па сè до Сараево, сите гледаат кон Црна Гора од две причини. Првата е дали ЕУ воопшто ќе се проширува. Втората е дали пристапувањето навистина ќе ја промени земјата. Па, што се случи синоќа? Накратко: многу врева за ништо”, напиша Чемерагиќ.

Тој додаде дека медиумите во Хрватска ја припишуваат заслугата за „разводнетата” формулација на сопствената влада, но и дека некои други европски престолнини едноставно биле задоволни што Загреб бил подготвен да ја преземе вината врз себе.

Калас: „Не смееме да го билатерализираме проширувањето”

Единствената поконкретна порака дојде од високата претставничка за надворешна политика, Каја Калас, која предупреди дека процесот на проширување не смее да се сведе на билатерални спорови – иако токму тоа се случува во моментов со ветата на Хрватска кон Црна Гора, на Унгарија и Бугарија кон Украина и на Бугарија кон Македонија.

„Европа е многу мал континент. Треба да бидеме посилни заедно со земјите што се дел од Европа”, изјави Калас, нагласувајќи ги безбедносните аспекти на проширувањето.

Пленковиќ: „Нашето вето е конструктивно, за разлика од бугарското кон Македонија”

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ пред колегите го бранеше хрватското вето како „конструктивно”, правејќи директна споредба со бугарската блокада на Македонија.

„Северна Македонија во 2000-та година беше пред Хрватска во институционален поглед, а сè уште не ги отвори преговорите. Постојат две држави кои од 2005 до 2026 година одземаа 21 година од институционалното приближување на Северна Македонија. Хрватска не го презеде тој пристап”, изјави Пленковиќ.

Македонија невидлива во Брисел

И покрај фактот што Македонија е најдолго блокираната земја-кандидат, со деценија чекање зад вратите на ЕУ, нејзиното име практично не се спомена во заклучоците од состанокот. Како што констатираат аналитичарите, Македонија „ја немаше ни на радарот, ни под радарот во Брисел”.

Што следи?

Клучните следни чекори вклучуваат објавување на извештаите за земјите-кандидати и патоказите за Црна Гора, Албанија, Украина и Молдавија на почетокот на ноември, продолжување на работата на затворање на поглавјата со Подгорица, решавање на билатералните прашања со Загреб, и усвојување на подетални заклучоци на декемврискиот самит на Европскиот совет.

За земјите од Западен Балкан, декември ќе биде вистинскиот тест дали Брисел е подготвен да ги претвори зборовите во дела.