Акција кај островот Хиос: Запленети над 360 килограми канабис на едрилица под хрватско знаме, уапсени двајца Украинци

Грчката крајбрежна служба пресретна пловило со дрога во вредност од над еден милион евра, спакувана во 27 патни торби.

7

Во успешна полициска операција на грчката крајбрежна служба, изведена западно од островот Хиос, откриени и запленети се 360,7 килограми суров канабис со проценета вредност од околу 1,08 милиони евра. Дрогата била превезувана со едрилица што пловела под знамето на Хрватска, а во рамки на акцијата се уапсени двајца државјани на Украина, јави дописничката на МИА од Атина.

Специјална интервенција со вклучени нуркачки тимови

Акцијата била реализирана во раните утрински часови по претходно добиена информација од Дирекцијата за безбедност и заштита на поморските граници. Според оперативните сознанија, сомнителната едрилица се поврзувала со криумчарење мигранти или со други форми на меѓународен криминал.

Во координираното пресретнување учествувал патролен брод на крајбрежната служба, а на помош бил повикан и втор брод со специјализиран нуркачки тим од Единицата за подводни мисии на грчката крајбрежна стража.

Дрогата била распределена во 27 патни торби

При контролата и деталниот претрес на пловилото, службениците пронашле вкупно 27 патни торби полни со голем број херметички затворени пластични пакувања со суров канабис.

По претресот, едрилицата била спроведена во пристаништето на Хиос, каде што двајцата украински државјани биле официјално уапсени. Покрај наркотиците, одземени се и 2.000 евра во готовина, лаптоп и шест мобилни телефони кои ќе бидат предмет на дополнителна вештачење.

Грчките надлежни органи ја продолжуваат истрагата за да ја утврдат крајната дестинација на пратката, како и можната поврзаност на уапсените со поширока меѓународна криминална мрежа.