Марта Кос со револуционерна реформа за ЕУ: Пробен период од 15 години за новите членки и крај за билатералните уцени

„Нема веќе Виктор Орбан“, порача еврокомесарката за проширување во Европскиот парламент. Новите правила воведуваат заштитни механизми против „Тројанските коњи“, додека бугарските напади врз Македонија наидоа на ладен туш од европратениците.

13

Новата еврокомесарка за проширување, Марта Кос, денеска пред рекорден број европратеници во Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) ги претстави темелните реформи во пристапниот процес. Во дебата која на моменти имаше националистички и скептични тонови, Кос испрати клучна порака до земјите кандидати: „Успехот е доброволен. Нема со сила никого да тераме да биде членка на Европската Унија“.

Реформата на Европската комисија има за цел да го забрза процесот, но и да гарантира дека новите членки нема да го парализираат функционирањето на Унијата.

„Нема веќе Виктор Орбан“: Како ќе функционира новиот заштитен механизам?

Новиот предлог на Брисел предвидува строги осигурителни мерки (safeguards) со кои идните земји членки ќе бидат ставени под пробен период и мониторинг од 15 години по нивното зачленување. Доколку некоја нова членка сериозно го прекрши владеењето на правото, европските вредности или принципот на искрена соработка, ќе се соочи со:

  • Губење на финансиските средства од ЕУ фондовите;
  • Привремено одземање на правото на глас во Советот на ЕУ.

За разлика од сегашната пракса, каде за одземање на правото на глас на земја членка е потребен апсолутен консензус (што ја штитеше Унгарија на Орбан од санкции), новиот механизам ќе се активира со квалификувано мнозинство – односно со поддршка на 15 од 27 држави кои претставуваат 65% од населението на ЕУ. „Сакаме да го олесниме процесот за санкционирање. Ова е осигурителна мерка со која ќе се спречат идни ‘Тројански коњи’ во Унијата“, децидна е Кос.

Дополнително, пристапните договори ќе содржат клаузула со која на новите членки експлицитно ќе им се забрани користење вето за билатерални спорови при идните проширувања на ЕУ.

Ладен туш за бугарските европратеници во Брисел

За време на расправата, бугарскиот европратеник Станислав Стојанов се обиде да ја нападне Македонија, тврдејќи дека земјата грубо ги крши човековите права на Бугарите и го посочи случајот со извесна Ива Михајлова на која наводно и било ускратено правото на лекување. Тој порача ЕК „да не брза“ со Скопје сè додека земјата не биде целосно подготвена.

Сепак, неговите аргументи наидоа на остар одговор во салата. Друга европратеничка веднаш му реплицираше дека и по речиси 20 години од нивното зачленување во ЕУ, токму Бугарија и Романија сè уште служат како најлош пример за лоша практика во Унијата во однос на владеењето на правото.

Известувачот за Македонија во ЕП, Томас Вајц, дополнително ги смири себичните тонови кај дел од постарите членки кои стравуваат од финансискиот трошок на проширувањето. Тој ја потсети Австрија дека своевремено и за влезот на Полска и Чешка морало да се одвојат огромни буџетски средства. Вајц даде силна поддршка за комесарката Кос и порача дека земјите кои одбиваат да ја усогласат својата надворешна политика со таа на ЕУ, воопшто не треба да се земаат предвид за членство.

Билатералните прашања немаат место во преговорите

Комесарката Кос нагласи дека ги поддржува процесите на консензус, но само додека тој не се злоупотребува за билатерални уцени, бидејќи на историските и билатералните спорови не им е место во евроинтеграциите.

На прашањето каква улога ќе има ЕУ при билатерални блокади, таа одговори дека улогата на ЕК е постојано да посредува и „да зборува, зборува, зборува…“, но призна дека во регионалните спорови на Балканот дел од инволвираните страни (алудирајќи на Бугарија) воопшто не сакаат дијалог. Падна и предлог од европратениците ЕК да формира посебен механизам кој ќе им помага на државите да се справат со историските прашања, со цел да се спречи Русија да ги злоупотребува овие теми за дестабилизација на регионот.

Проекции за членство до 2030 година: Србија и Албанија под лупа

Марта Кос истакна дека нејзиниот личен сон е барем две до три земји кандидати да станат полноправни членки на ЕУ до 2030 година.

  • Црна Гора останува апсолутен фаворит на листата и се очекува да го заврши техничкиот дел до крајот на оваа или почетокот на идната година, со цел полноправно зачленување во 2028 година. Кос појасни дека Црна Гора е толку мала што нејзината интеграција ќе ги чини граѓаните на ЕУ по само едно евро.
  • За Србија порача дека доколку сака да се најде во групата за „брза лента“, ќе мора да испорача конкретни резултати и реформи на терен, наместо само да зборува за нив.
  • За Албанија, во контекст на неодамнешните еколошки предизвици околу инвестициските планови на Џаред Кушнер на албанското крајбрежје, Кос беше децидна дека Тирана ќе мора целосно да се усогласи со строгите еколошки стандарди на ЕУ доколку сака напредок.

Овој нов реформски пакет на Европската комисија ќе биде ставен на клучна стратешка дебата пред шефовите на држави и влади на претстојниот самит на ЕУ во Брисел кон крајот на следната недела.