Деветта жртва од западнонилска треска во Македонија: По 28-дневна битка на Инфективна почина 66-годишен пациент

5

Црниот биланс од вирусот на западнонилска треска во земјава се искачи на девет починати лица, откако на Универзитетската клиника за инфективни болести во Скопје битката за живот ја загуби 66-годишен маж. Трагичната вест денеска ја соопшти директорот на Клиниката, д-р Фадил Цана.

Пациентот речиси еден месец бил на респиратор

Починатиот пациент цели 28 дена бил хоспитализиран на Одделот за интензивно лекување, каде лекарите воделе постојана борба за неговиот живот.

„Во текот на викендот е регистриран уште еден летален исход кај пациент со потврдена невроинвазивна форма на западнонилска треска. Се работи за 66-годишен пациент кој се третираше на Интензивна нега и беше еден од двајцата најтешко болни со исклучително тешка клиничка слика. Беше приклучен на механичка вентилација во респираторниот центар. Пациентот имаше и претходни придружни заболувања (коморбидитети), што секако претставуваше сериозен ризик-фактор за неповолен исход“, појасни д-р Цана.

Вкупно 66 хоспитализирани од почетокот на сезоната

Според официјалните податоци на Инфективната клиника, од почетокот на појавата на вирусот што го пренесуваат комарците, кај нив биле згрижени вкупно 66 пациенти со потешки симптоми.

Во моментов, на болничко лекување на клиниката се наоѓаат 11 лица, од кои кај еден пациент сè уште има потешка клиничка слика и тој се наоѓа под постојан медицински надзор.

Здравствените власти потсетуваат дека заштитата од убоди од комарци останува клучна превентивна мерка, особено за повозрасните лица и граѓаните со хронични заболувања, кај кои ризикот од развој на опасната невроинвазивна форма на болеста е најголем.