Синдикалната кошничка скокна до 70.000 денари: СДСМ и Левица алармираат – „Потребни се три минимални плати за да се преживее месецот“

1

По најновите пресметки на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), според кои минималните месечни трошоци за четиричлено семејство во септември достигнаа речиси 70.000 денари (односно близу 90.000 денари со изнајмен стан), опозициските партии СДСМ и Левица излегоа со остри реакции. Тие предупредуваат на драматичен пад на животниот стандард и неодржливост на домашните плати во однос на секојдневните трошоци.

СДСМ: Власта троши на луксуз, додека граѓаните стравуваат од зимските сметки

Од СДСМ истакнуваат дека минималната потрошувачка кошничка се зголемила за 800 денари за само еден месец, при што само за основните прехранбени производи и пијалоци се потребни над 25.000 денари.

„Студент или работник што изнајмува стан во град, со сите сметки и превоз, не може да го затвори месецот ни со 95.000 денари. Просечната плата одамна не ја покрива кошничката, а минималната е далеку под основниот животен стандард. Власта наоѓа пари за луксуз, а за работниците и пензионерите остануваат само мизерни линеарни зголемувања кои се чисто понижување“, се вели во партиското соопштение на СДСМ.

Опозицијата алармира и за состојбата кај земјоделците, посочувајќи на скратени субвенции од 40 милиони евра, скапи репроматеријали и доцнење на „зелената нафта“, во пресрет на зимската сезона кога се очекува нов ценовен шок од сметките за струја и греење.

Левица: Еден минималец покрива едвај 37,5 отсто од основните потреби

Од партијата Левица излегоа со детална математичка пресметка за јазот меѓу примањата и реалните трошоци, нарекувајќи го преживувањето на македонскиот работник „вистинско економско чудо“.

„Минималната кошничка во септември изнесува 69.432 денари, а со кирија достигнува 84.807 денари. Истовремено, минималната плата остана најниска во регионот и изнесува 26.046 денари. Тоа значи дека една минимална плата покрива само 37,5 отсто од основните потреби. Две минимални плати заедно покриваат едвај 75 отсто, а доколку семејството плаќа кирија, на двајца вработени им недостигаат дополнителни 32.715 денари секој месец“, пресметуваат од Левица.

Од партијата посочуваат дека само трошоците за храна (25.259 денари) речиси целосно ја голтаат едната минимална плата, оставајќи му на работникот само 787 денари за сите останати давачки: струја, вода, лекови, облека и училишни трошоци за децата.

Според пресметките на Левица, за да може едно семејство со двајца вработени достоинствено да го помине месецот, минималната плата мора итно да се покачи на најмалку 34.700 денари, односно над 42.000 денари доколку семејството живее под кирија.