ВЛЕН го нападна Ахмети: Судовите не се политичко казино на ДУИ за да диктирате пресуди за Груби

5

Партијата ВЛЕН упати остри критики до лидерот на ДУИ, Али Ахмети, по неговите неодамнешни јавни настапи во кои застана во одбрана на поранешниот прв вицепремиер Артан Груби. Од ВЛЕН го обвинуваат Ахмети за директен обид за притисок врз правосудството и однапред прејудицирање на судскиот исход.

„Ахмети веќе го пополнил тикетот за невиност“

Од партијата реагираат дека лидерот на ДУИ веќе го прогласил исходот на процесот, иако судската постапка е во тек, а клучните докази допрва треба да се изведат во судницата.

„Али Ахмети, се чини, веќе го пополнил својот тикет. Артан Груби, според него, е веќе невин и ќе биде ослободен. До вчера велеше дека Груби треба да одговара доколку ја злоупотребил довербата, но сега ја смени плочата – нема веќе „доколку“, туку директно се премина кон најава за целосно ослободување“, посочуваат од ВЛЕН.

Одбрана на сопартиецот или страв за сопствена одговорност?

Од партијата јавно го отвораат прашањето за причините зад ваквата ненадејна промена во ставовите на Ахмети, токму во моменти кога правниот притисок врз неговите поранешни најблиски соработници се засилува.

„Прашуваме што се промени во меѓувреме? Дали Ахмети навистина го брани Груби или, пак, преку оваа реторика се обидува да ја заштити сопствената кожа?“, се вели во партиската реакција.

Потсетување на американската „црна листа“

Во соопштението се потсетува и на одлуката на Стејт департментот на САД со која Груби беше ставен на американската „црна листа“, токму поради сомнежи за вмешаност во коруптивни дејствија и обиди за незаконско влијание врз судските процеси.

„Судот не е политичко казино на ДУИ, а судските пресуди нема да се пишуваат во партиските седишта во Мала Речица. Законите мора да важат за сите еднакво“, порачуваат од ВЛЕН.