Воена ескалација во Заливот: Пакистан испрати засилување за Саудиска Арабија, можна е заедничка интервенција со Турција против Хутите
По драматичната ескалација на конфликтот во Јемен и новите напади врз саудиска територија, Пакистан испрати итна дополнителна воена помош за Саудиска Арабија, јави германската новинска агенција ДПА, повикувајќи се на високи извори од Исламабад. Овој потег доаѓа во момент кога регионалните тензии се на критично ниво поради контролата врз поморските патишта во Црвеното Море.
Артилерија, дронови и системи за противвоздушна одбрана
Новиот пакет воена помош вклучува напредни артилериски системи, беспилотни летала (дронови), како и специјализирани системи за одбрана и соборување на непријателски дронови.
Овие сили доаѓаат како засилување на веќе постоечките пакистански контингенти стационирани на саудиско тло – вклучувајќи системи за противвоздушна одбрана, борбена авијација и копнени трупи – кои се распоредени таму во рамките на долгорочното стратешко и воено партнерство меѓу двете држави.
Хутите се закануваат на Баб ал-Мандаб
Поводот за итното воено засилување е неодамнешната молскавична офанзива на јеменското бунтовничко движење Хути, поддржано од Иран. Со заземањето на западниот брег на Јемен, бунтовниците воспоставија директна контрола над стратешки клучната теснина Баб ал-Мандаб, главниот поморски премин кон Црвеното Море и Суецкиот Канал, истовремено обновувајќи ги нападите кон саудиските погранични подрачја.
Трилатералниот пакт пред тест: Предупредување за поморска интервенција
Ситуацијата добива дополнителна геополитичка тежина со оглед на тоа што Саудиска Арабија во август потпиша трилатерален одбранбен договор со Пакистан и Турција, според кој секој вооружен напад врз една од земјите потписнички се третира како напад врз сите три сојузници.
Пакистански разузнавачки извори упатија отворено предупредување дека сојузниците се подготвени за директна воена реакција доколку биде загрозен поморскиот сообраќај:
„Нашата воена морнарица ќе дејствува доколку Хутите се обидат да ја блокираат теснината Баб ал-Мандаб, а во акцијата ќе се приклучат и турските сили“, изјави неименуван пакистански разузнавач за ДПА.
Официјалната поддршка ја потврди и портпаролот на пакистанската армија, генерал-мајор Ахмед Шариф, кој децидно изјави дека Исламабад ќе ги искористи сите расположливи капацитети за да ја одбрани безбедноста и суверенитетот на Саудиска Арабија.