Тензии во Приштина: Нападнат комплексот на ЕУЛЕКС по изрекувањето на пресудите за лидерите на ОВК

Демонстранти со пиротехника и камења предизвикаа пожар во базата на европската мисија. Курти пресудата ја нарече „неприфатлива неправда“, меѓународната заедница повикува на почитување на судската одлука.

10

Комплексот на Мисијата на Европската Унија за владеење на правото (ЕУЛЕКС) во Приштина доцна синоќа беше цел на напад од револтирани демонстранти, непосредно по објавувањето на долгогодишните затворски казни за поранешните водачи на Ослободителната војска на Косово (ОВК) од страна на Специјалниот суд во Хаг, јави Радио Слободна Европа (РСЕ).

Инцидентот се случи откако илјадници граѓани во текот на денот преку видео-бимови на плоштадите во косовската престолнина го следеа изрекувањето на првостепените пресуди со кои поранешниот претседател Хашим Тачи и Јакуп Красниќи беа осудени на по 25 години затвор, Кадри Весели на 18, а Реџеп Селими на 13 години затвор за воени злосторства.

Пиротехника и блокади пред базата на ЕУЛЕКС

Според официјалното соопштение на косовската полиција, тензиите кулминирале околу 22:30 часот. Група демонстранти, кои претходно протестираа пред зградата на Владата, се упатиле кон главната база на ЕУЛЕКС, лоцирана на патниот правец Приштина – Косово Поле.

Откако го блокирале сообраќајот пред влезот во комплексот, дел од собраните лица почнале да фрлаат тврди предмети, факели и пиротехнички средства кон внатрешноста на објектот, што предизвикало помал пожар во еден дел од зградата.

Полицијата соопшти дека пламенот бил брзо локализиран и целосно изгаснат, при што за среќа нема повредени лица, ниту е причинета поголема материјална штета. Протестот завршил нешто по полноќ по постојани апели од страна на полициските службеници за воздржаност од насилство. Од полицијата најавија засилени патроли низ градот со цел зачувување на јавниот ред и мир.

Остри реакции во Косово, Курти: Ова е неправда!

Мисијата на ЕУЛЕКС со години е честа мета на незадоволство кај дел од косовската јавност поради нејзината директна логистичка и оперативна поддршка за Специјализираните судски совети во Хаг, кои главно се финансирани од ЕУ. Иако судот формално функционира според косовското законодавство, неговиот кадар е составен исклучиво од меѓународни судии и обвинители, што во Приштина често се толкува како надворешен притисок врз наследството на ОВК.

Затворските казни предизвикаа бран на огорченост во косовското општество, каде осудените функционери сè уште уживаат статус на национални херои и ослободители.

Косовскиот премиер Албин Курти остро ја осуди одлуката на судот во Хаг:

„Оваа пресуда претставува неприфатлива неправда. Иако одлуката формално е донесена ‘во името на народот на Косово’, таа празна правна формула не смее и не може да се поистоветува со волјата на нашиот народ“, изјави Курти.

Од друга страна, Соединетите Американски Држави и западните сојузници упатија порака за смирување на страстите, повикувајќи ги политичките фактори и граѓаните на Косово целосно да ја почитуваат независноста и одлуките на меѓународното правосудство.