Историска пресуда во Хаг: По 25 години затвор за Хашим Тачи и Јакуп Красниќи, осудени и Кадри Весели и Реџеп Селими

Специјализираниот суд ги прогласи за виновни четворицата поранешни лидери на ОВК за воени злосторства, тортура и ликвидација на најмалку 96 лица во Косово и северна Албанија.

4

Поранешниот косовски претседател и политички лидер на Ослободителната војска на Косово (ОВК), Хашим Тачи, денеска во Хаг е прогласен за виновен за воени злосторства и злосторства против човештвото и е осуден на единствена казна затвор од 25 години.

Идентична затворска казна од 25 години Специјализираниот суд му изрече и на поранешниот портпарол на Генералштабот на ОВК, Јакуп Красниќи.

Во истиот судски предмет, поранешниот шеф на разузнавачката служба на ОВК и екс-претседател на косовскиот парламент, Кадри Весели, е осуден на 18 години затвор, додека поранешниот член на Генералштабот, Реџеп Селими, доби затворска казна во траење од 13 години.

На сите четворица осудени во изречените казни ќе им биде засметано времето поминато во притвор во Хаг, каде што се наоѓаат од нивното апсење во ноември 2020 година.

Судски совет: Тачи имал клучна командна улога и лично учествувал во кривични дела

Судскиот совет го прогласи Хашим Тачи за виновен по повеќе точки од обвинението – за незаконско и произволно апсење и лишување од слобода, суров третман, тортура и убиство, сите квалификувани како воени злосторства.

Според наодите на судот, Тачи, како член на Генералштабот и шеф на Дирекцијата за политички прашања, имал клучна и одлучувачка улога во формулирањето и спроведувањето на заедничкиот злосторнички потфат за елиминација на сите оние што биле третирани како „политички и воени противници“.

„Хашим Тачи, заедно со другите обвинети, назначувал исклучително лојални лица на клучни командни позиции, обезбедувајќи целосна контрола врз структурата на ОВК. Многу од тие лица вршеле злосторства со нивно знаење. Покрај тоа, Тачи и лично учествувал во кривични дела, вклучително и во противправното апсење, затворање и испрашување на 13 пратеници во Чирез и Бањица“, истакна претседавачот на судскиот совет.

Судот образложи дека Тачи покажал „безмилосна решеност за елиминирање на политичките пречки“, активно ги прикривал злосторствата (како убиствата на Бехајдин Алачи и Шабан Шалија кои лажно биле прикажувани како ‘херојска смрт’) и свесно ширел лажни информации пред меѓународната заедница дека ОВК целосно го почитува меѓународното хуманитарно право.

Докажани најмалку 96 намерни убиства на цивили и заробеници

Образложувајќи ја тежината на пресудата, судечкиот совет констатираше дека злосторствата биле од масовен карактер, извршени во дури 14 општини низ Косово и на две локации во северна Албанија.

Судот утврди дека во периодот меѓу април 1998 и 20 јуни 1999 година, припадници на ОВК намерно предизвикале смрт на најмалку 96 лица кои не учествувале активно во воените дејствија. Жртвите биле ликвидирани со огнено оружје или починале од последици на брутални претепувања, а телата на голем дел од нив биле масакрирани и фрлани покрај патишта.

Цитатот на историчарот Хауард Зин што го искористи претседавачот на советот ја одбележа денешната пресуда:
„Ниедно знаме не е доволно големо за да го скрие срамот од убивањето невини луѓе“.

Улогата на Красниќи: Институционализација на прогонот и негирање на злосторствата

Во делот на пресудата за Јакуп Красниќи, судот утврди дека тој директно поттикнувал злосторства против лица етикетирани како „колаборационисти“ и „противници“.

Красниќи учествувал во воспоставувањето на органите на воената полиција и разузнавачките служби на ОВК задолжени за спроведување на репресивните мерки. Иако имал прецизни сознанија за киднапирањата, мачењата и егзекуциите, тој не презел никакви дисциплински или кривични постапки, туку на состаноците со меѓународните претставници свесно ги минимизирал или целосно ги негирал овие појави.

Денешната пресуда е првостепена, а одбраната и обвинителството имаат законски рок да поднесат жалби до Апелациониот совет на Специјализираните комори во Хаг.