Глобална битка за вештачката интелигенција: Технолошките гиганти бараат „кочница“, Трамп и Кина одбиваат да забават
Лидерите на „Антропик“, „ОпенАИ“ и „xAI“ се обединија околу план во три чекори за безбедност поради ризици од сајбер-напади и развој на оружје. Трамп порачува дека САД мора да победат, додека Пекинг ова го нарече „прирачник од Студената војна“.
Водечките луѓе на светската индустрија за вештачка интелигенција (ВИ) упатија заеднички апел за забавување на темпото со кое се развиваат најмоќните модели, предупредувајќи дека технологијата сè почесто се злоупотребува за опасни цели. Иницијативата ја покрена главниот извршен директор на компанијата „Антропик“, Дарио Амодеи, кој преку обемен есеј предложи конкретна рамка за управување со ескалирачките безбедносни ризици.
„Мора да го забавиме темпото со кое ги зголемуваме можностите на ВИ-моделите. Напредокот сепак ќе остане брз, но мора мудро да го искористиме добиеното време за да воспоставиме контрола“, порача Амодеи.
Неговиот предлог неочекувано доби поддршка од директните ривали. Извршниот директор на „ОпенАИ“, Сем Алтман, и сопственикот на „xAI“, Илон Маск, јавно се согласија со потребата од забавување и контрола, потврдувајќи дека и нивните компании се подготвени да ги применат истите безбедносни протоколи.
План во три чекори: Независни инспектори и заштита од хакерски напади
Планот што го предлага Амодеи се состои од три клучни столбови:
- Вградени независни евалуатори: Надворешни стручњаци кои ќе имаат статус и овластувања како внатрешните вработени со цел проверка на безбедносните стандарди;
- Координација во индустријата: Заедничко поставување правила меѓу конкурентските фирми за спречување на неконтролиран развој;
- Меѓународна регулаторна соработка: Глобални договори за управување со егзистенцијалните закани од технологијата.
Алармот во Силиконската долина се запали по интерниот извештај на „Антропик“, кој откри дека нивниот модел „Клод“ бил користен од надворешни актери за нелегални сајбер-операции, развој на оружје, масовен надзор и софистицирани измами. Дополнителен страв влеваат и способностите на моделите сами да се надградуваат, како и неодамнешните инциденти во кои системи со ВИ самостојно пробиваа надворешни веб-страници.
Трамп одбива регулации: „Кој ќе победи во ВИ, ќе победи во сè“
Сепак, плановите на технолошкиот врв наидоа на отпор од политичкиот врв во Вашингтон. Американскиот претседател Доналд Трамп ги отфрли предупредувањата, нарекувајќи ги критичарите „негативни сили“ кои шират паника за сценарија што нема да се случат.
„Ние сме далеку пред Кина во вештачката интелигенција. САД се најсофистицираната нација во светот и сакам така да остане, бидејќи тој што ќе победи во трката за вештачка интелигенција, ќе победи во сè“, изјави Трамп, порачувајќи дека нема намера да ја закочи американската индустрија со тешки регулации.
Ваквиот став доаѓа во време кога лидерите на ВИ-секторот инвестираат десетици милиони долари во политичките кампањи за претстојните избори за Конгресот, при што политичкиот комитет (PAC) на Илон Маск игра клучна улога во финансирањето на републиканските кандидати.
Пекинг: Ова е американски обид за технолошки монопол
Предлогот за забавување на развојот предизвика остри реакции и во Кина. Кинескиот државен медиум „Глобал тајмс“ го оцени есејот на Амодеи како „прирачник од Студената војна“, тврдејќи дека вистинската цел не е безбедноста, туку зачувување на американската хегемонија.
Според Пекинг, повиците за забавување и истовремените барања на Амодеи за построги контроли врз извозот на напредни чипови кон Кина се само параван за наметнување технолошки бариери и исклучување на кинеските лаборатории од глобалниот пазар.
Самиот Амодеи во изјава за „Си-Би-Ес“ призна дека најголемиот геополитички предизвик на неговиот план е прашањето – како да се натераат Кина и другите ривалски сили да се согласат на истовремено забавување на своите програми за вештачка интелигенција.