Стојановски пред дуелот со Австрија: Победата е единствен императив за Македонија во Виена

1

Македонската машка кошаркарска репрезентација денеска го отвора настапот во вториот круг од претквалификациите за пласман на Евробаскетот. Во рамките на новоформираната група „Ф“, каде што ривал е и селекцијата на Кипар, нашите најдобри кошаркари попладнево гостуваат кај репрезентацијата на Австрија.

Во составот на националниот тим се наоѓа и новото засилување на МЗТ Скопје Аеродром, бекот Лука Стојановски. По одработениот официјален тренинг во „Спорт Арената“ во Виена, тој испрати јасна и оптимистичка порака за амбициите на тимот.

„Очекувањата се кристално јасни – одиме на победа. На секој натпревар што го играме во овој период влегуваме со победнички менталитет. Се подготвуваме темелно, анализираме видеоматеријали и ја поставуваме тактиката. Во овој момент имаме навистина добра и комплетна екипа, па затоа победата е единствениот императив што стои пред нас“, изјави Стојановски.

Македонскиот репрезентативец направи и кратка тактичка анализа на играта на австриската селекција.

„Австрија е пред сè изразена шутерска екипа. Физички не се предоминантни под кошевите, но негуваат многу брза кошарка во транзиција и поседуваат исклучителен шутерски потенцијал од дистанца на кој ќе мора максимално да одговориме во одбраната“, нагласи македонскиот бек.

Пресметката меѓу Австрија и Македонија, која претставува важен чекор за нашиот национален тим кон фаќање победнички залет во квалификацискиот циклус, започнува денеска точно во 16:05 часот во Виена.