Алармантна мапа на заразата: Поплавените подруми во Аеродром и Чаир се постојани легла на комарци – 53 заразени и петмина починати од Западен Нил
Министерството за здравство пушти во употреба специјализирана дигитална платформа за детално следење на епидемиолошката состојба со вирусот Западен Нил. Според најновите официјални податоци објавени на сајтот, во земјава досега се евидентирани 53 случаи на инфекција, од кои 21 пациент се наоѓа на болничко лекување, додека за жал, пет лица го загубија животот. Стапката на инциденца изнесува 2,7 заразени на 100.000 жители.
Новата интерактивна веб-страница нуди прецизен увид во жариштата, видовите комарци, степенот на опасност, но и јасна евиденција за тоа кои општини презеле мерки за дезинсекција, а кои целосно потфрлиле.
Подрумите во Аеродром и Чаир – целогодишен извор на зараза
Податоците откриваат дека поплавените подрумски простории и шахти во урбаните јадра како Аеродром, Ново Лисиче и Чаир претставуваат подрачја од исклучително висок ризик за размножување на комарците во текот на целата година.
Анализата на теренот покажува и сериозни парадокси во одговорот на локалните власти:
- Општина Аеродром: Иако бележи четири случаи (плус еден во Долно Лисиче) и се наоѓа во зона на прогласена епидемија, досега нема реализирано вонредно прскање против комарци;
- Општина Чаир: Регистрирани се два случаи и повеќе ризични точки, но локалната самоуправа воопшто нема спроведено дезинсекција годинава;
- Општина Илинден: Со три евидентирани случаи, од април до јули реализирала дури пет третмани за прскање.
Езерцата во Градскиот парк во Скопје се класифицирани како локација со среден ризик. Сепак, стручните лица предупредуваат дека при евентуален застој на пумпите за вода, за само 8 до 10 дена таму се развива целосна нова генерација комарци. Во комбинација со присуството на птиците (кои се преносители) и големата фреквенција на посетители, овој простор претставува сериозна потенцијална закана.
Црна листа: Кои се најкритичните „црвени зони“ во Скопско?
На новата мапа се издвоени локациите со „многу висок ризик“ од размножување на инсектите и ширење на заразата:
- Шуто Оризари: Септичките јами и застоените води;
- Река Серава: Потегот долж Радишани, Љубанци и Бутел, како и низводно кај Арачиново, Мојанци и Орланци;
- Одводни канали и реки: Каналите во Јурумлери, Стајковци, Сингелиќ, Драчево, Ќојлија, Батинци, Студеничани и Долно Количани, како и појасот долж Маркова Река (Драчево и Усје);
- Земјоделски и бањски појаси: Рибниците и наводните базени во Кадино и Мралино, главниот канал во Скопско Поле (Илинден–Кадино–Марино), како и Катлановското Блато и Бања Катланово;
- Отовица: Колекторот и лагуните со отпадни води.
Платформата на Министерството за здравство претставува одлична алатка за лоцирање на проблемот, но експертите предупредуваат дека статистиката ќе нема вредност доколку локалните власти не ги искористат податоците за итна, координирана и агресивна дезинсекција на терен.