Драма на Халкидики: Масовна евакуација на над 250 туристи по морски пат поради огнената стихија во Сивири
Голем шумски пожар попладнево предизвика хаос на првиот крак на Халкидики, принудувајќи ги грчките власти на итна евакуација на туристите и жителите од приморското место Сивири. Повеќе од 250 лица, кои беа отсечени од копнените патишта, со чамци, патролни бродови и приватни пловила се префрлаат на безбедно кон летувалиштето Сани.
Евакуација под чад и пламени јазици
Пожарот избувна околу 14 часот по локално време кај Касандрија и поради силниот ветер брзо се прошири кон брегот. Службата за итни случаи 112 испрати неколку пораки за евакуација до сите што се наоѓаат во реоните на Сивири и Фурка. Оние кои не успеаја да го напуштат местото со возила, се собраа на плажите, носејќи ги со себе само најосновните работи, од каде што се евакуираат со помош на крајбрежната стража, противпожарните служби и локалните доброволци со приватни чамци. Во акцијата е вклучен и еден голем траект.
Мобилизација на сили од цела Грција и меѓународна помош
На терен се води тешка битка со огнот, кој се гасне од копно и од воздух. Ангажирани се 148 пожарникари со 54 возила, вклучувајќи и меѓународни тимови од Молдавија кои се дел од Европскиот механизам за цивилна заштита. Воздушната поддршка ја сочинуваат девет авиони и три хеликоптери. Поради силината на пожарот, кон Халкидики се упатени дополнителни пожарникари од Атина, Јанина, Александруполи, Козани и други градови.
Јанис Артопиос, портпарол на противпожарната служба, изјави дека двајца пожарникари се полесно повредени, додека меѓу цивилното население засега нема информации за настрадани.
Итно сместување за поголемите подрачја
Министерството за климатска криза и цивилна заштита, во соработка со Хотелската комора на Грција, активираше специјална платформа за привремено сместување на сите лица кои останаа без своите сместувачки капацитети поради пожарот. Сите медицински служби во регионот, вклучувајќи возила на брза помош и мобилни единици, се во состојба на зголемена готовност.
Целиот регион на Халкидики денеска беше означен со четврта категорија на висок ризик од пожари, а екстремно високите температури и сувата вегетација дополнително го отежнуваат ставањето на ситуацијата под контрола.