Дипломатски искри во Нови Сад: Грчката заедница бара стопирање на споменикот „Мајка Македонија“, Македонците во Србија не прифаќаат цензура
Најавеното поставување на споменикот „Мајка Македонија“ во Нови Сад предизвика сериозни тензии меѓу македонската и грчката национална заедница во Србија. Додека македонското малцинство смета дека споменикот е симбол на нивните корени, грчките претставници иницијативата ја оценија како „директна провокација“.
Иницијатива за 80 години од доселувањето на Македонците во Војводина
Македонскиот национален совет во Србија ја поднесе иницијативата до градското собрание на 3 август, со цел да се одбележи осумдеценискиот придонес на македонските доселеници во развојот на Нови Сад и Војводина. Оттаму децидно ги отфрлаат обвинувањата дека споменикот носи територијални или политички претензии.
„За Македонците ширум светот, овој симбол претставува сеќавање на корените, традицијата и културното наследство. Зачувувањето на идентитетот на една заедница не може да биде закана за друга. Културните симболи треба да бидат мостови на дијалог, а не извор на спорови“, се вели во соопштението на Македонскиот национален совет.
Грчки реакции: Провокација и страв од историски спорови
Од друга страна, Граѓанската партија на Грците во Србија побара итно запирање на процесот, тврдејќи дека називот „Мајка Македонија“ е навредлив за Грција. Истовремено, Националниот совет на грчкото малцинство побара консултации со историски институции пред да се донесе конечна одлука, предупредувајќи дека ваквиот потег може да ги подгрее старите балкански спорови.
Предлогот во моментов се наоѓа пред ЈП „Урбанизам“ и Заводот за заштита на спомениците во Нови Сад, кои треба да дадат стручно мислење пред конечната одлука на градските власти.
СМК: Властите да ја отфрлат „расистичката намера“ на грчката партија
Во спорот се вклучи и Светскиот македонски конгрес (СМК), кој упати остра реакција до српските власти. Според СМК, македонскиот етнос е во основата на сите балкански нации и културниот идентитет не смее да биде предмет на асимилација или политички пазарења.
„Големината на една цивилизација е во универзалноста на вредностите како мирот и толеранцијата. Очекуваме изградба на споменикот „Мајка Македонија“, а автономните и националните власти во Србија да ја отфрлат оваа расистичка намера на Граѓанската партија на Грците во Србија“, порачаа од Светскиот македонски конгрес.
Додека институциите во Нови Сад го разгледуваат барањето, прашањето за „Мајка Македонија“ останува тест за мултикултурализмот во Војводина и способноста на балканските заедници за соживот без историски сопки.