ПАЗАР НА НЕВДИЖНОСТИ: Пад на бројот на закупи, но кириите за деловен простор во нагорен тренд

5

Најновите податоци од Регистарот на цени и закупнини за вториот квартал од 2026 година покажуваат специфични поместувања на пазарот на недвижности во Македонија. Иако вкупниот број на реализирани закупи бележи пад од 17 проценти на квартално ниво, вкупната месечна закупнина се искачи на 1,2 милиони евра, што претставува пораст од 9 проценти во споредба со почетокот на годината.

Во овој период се евидентирани вкупно 2.148 договори за закуп, при што деловните простори доминираат на пазарот, додека кај станбениот објект е забележан пад на интересот.

Деловните простори најбарани, кириите во Центар највисоки

Според структурата на закупите, деловните простори го заземаат примарното место со 935 договори (44%), по што следуваат становите (29%) и куќите (11%). Интересно е што кај деловните објекти, и покрај благиот пад на бројот на договори, вредноста на кириите пораснала за значителни 20 проценти.

Скопските општини остануваат најатрактивни дестинации:

  • Општина Центар: 286 закупи
  • Општина Аеродром: 197 закупи
  • Општина Карпош: 173 закупи
  • Општина Битола: 129 закупи

Колку чини метар квадратен станбен простор?

Цените на кириите варираат во зависност од локацијата, при што Центар ја задржува лидерската позиција со највисоки цени по метар квадратен:

  1. Центар: 408 денари/м²
  2. Аеродром: 375 денари/м²
  3. Карпош: 354 денари/м²
  4. Кисела Вода: 326 денари/м²
  5. Штип: 266 денари/м²

Станбениот пазар во благо ладење

Споредбено со првиот квартал од 2026 година, закупот на станови бележи пад од 14 проценти во бројот на договори, а вкупната месечна закупнина во овој сектор се намалила за 9 проценти. Кај куќите падот е уште поизразен и изнесува 24 проценти кај бројот на договори.

Вкупната закупена површина во овој квартал изнесува над 2,4 милиони метри квадратни. Најголем дел од оваа површина отпаѓа на земјоделско земјиште и шуми, додека финансиски најисплатливи за сопствениците се деловните простори, кои го генерираат најголемиот дел од вкупните приходи од закупнини во државата.

Статистиката по месеци покажува дека април бил најдинамичен со 776 договори, додека мај бележи најниска активност на пазарот со 669 регистрирани закупи.

Македонски