ЛДП и Османи со остри реакции за назначувањето на Арбен Фетаи во Брисел
Одлуката на Владата да го именува поранешниот вицепремиер за добро владеење, Арбен Фетаи, за специјален пратеник на Македонија во Европската Унија, предизвика лавина негативни реакции. Додека Фетаи слави за „честа и одговорноста“, опозицијата и политичките аналитичари го сметаат овој потег за награда на неработењето и непотребно дуплирање на институциите.
Либерално-демократската партија (ЛДП) денеска излезе со најжестока осуда, нарекувајќи го назначувањето „директен шамар за чесните граѓани“.
ЛДП: „Неработењето се наградува со фотелја во Брисел“
Од ЛДП потсетуваат на мандатот на Фетаи како вицепремиер, кој според нив бил обележан со бојкот на владини седници и отсуство од клучни состаноци.
„Наместо да сноси одговорност за своето неработење, Фетаи се потсмеваше со јавноста објавувајќи фотографии од егзотични дестинации како Бангкок, за денес да биде награден со привилегии во Брисел. Ова е скандалозна порака дека неодговорноста во Македонија се наградува, а државните позиции се користат како приватен банкомат за партиски апетити. Истата таа неодговорност која низ земјава носи пожари, труења и епидемии“, стои во соопштението на ЛДП.
Османи: Зошто ни е специјален пратеник кога имаме цела Мисија и две министерства?
Реагираше и поранешниот шеф на дипломатијата, Бујар Османи, кој ја доведе во прашање логиката на постоење на ваква функција. Тој истакна дека државата веќе има воспоставен и функционален систем за комуникација со Брисел.
„Македонија веќе има свој амбасадор и Постојана мисија при ЕУ, како и Министерството за надворешни работи и Министерството за европски прашања. Кој е мандатот на новиот претставник и која задача ќе ја извршува тој, а што не можат да ја извршат постојните капацитети?“, прашува Османи.
Фетаи: „Патот до Брисел продолжува со решителност“
Самиот Фетаи, преку социјалните мрежи, јавно му се заблагодари на премиерот Христијан Мицкоски за укажаната доверба. Тој тврди дека неговото досегашно искуство е гаранција за успешна работа во центарот на европската дипломатија.
„По долга кариера во Брисел и искуството стекнато во Владата, ја заземам оваа позиција со целосно убедување дека иднината на земјата е во ЕУ. Продолжуваме со партнерство и доверба“, напиша Фетаи.
Именувањето на Фетаи се случува во период кога јавноста е особено чувствителна на трошењето на буџетските средства и ефикасноста на државната администрација, па оттука барањата за ревизија на оваа одлука стануваат сè погласни.