МЕРИ ДИКА ГЕОРГИЕВСКА ИЗБРАНА ЗА УСТАВЕН СУДИЈА: Левица обвинува за „политичко самопоништување“ на ВМРО-ДПМНЕ

4

Собранието на Република С. Македонија денеска со 64 гласа „за“, без ниту еден глас против или воздржан, ја избра Мери Дика Георгиевска за нов судија во Уставниот суд. Георгиевска, која доаѓа од функцијата претседател на Апелациониот суд Скопје, веднаш по изборот даде свечена заклетва пред пратениците.

Мери Дика Георгиевска има долгогодишна кариера во правосудниот систем. Дипломирала во 1985 година на Правниот факултет „Јустинијан Први“, а во 2014 година магистрирала на Универзитетот „Американ Колеџ“. Професионалниот пат го започнала како адвокат, по што од 1996 година извршува судиски функции во Основниот суд Скопје 2 и Апелациониот суд Скопје. Во периодот од 2012 до 2018 година беше член на Судскиот совет, а минатата година беше назначена за прв човек на скопска Апелација.

Левица: „ДПМНЕ ги погреба сопствените зборови“

На изборот експресно и со остри критики реагираше политичката партија Левица. Оттаму обвинуваат за врвно политичко лицемерие на владејачкото мнозинство, потсетувајќи дека токму ВМРО-ДПМНЕ во минатото жестоко ја критикуваше Георгиевска.

„Партијата што со најголема жестина ја претставуваше Мери Дика Георгиевска како симбол на компромитираното правосудство и ја поврзуваше со аферата „Рекет“, денес со сопствени раце ја изгласа за чувар на Уставот. Со овој чин, ДПМНЕ јавно ги погреба сопствените прес-конференција и обвинувања. Потешко политичко самопоништување одамна не е видено“, порачаа од Левица.

„Проблемот не бил во системот, туку во тоа кој управува со него“

Според Левица, единственото нешто што се променило во однос на Георгиевска е „фотелјата од која зборуваат“ претставниците на власта. Тие сметаат дека со прифаќањето на предлогот кој дојде од Судскиот совет, владејачката партија го присвоила „заробениот систем“ наместо да го демонтира.

„Најголемиот политички апсурд е што ДПМНЕ без збор ја прифати кандидатурата од истиот Судски совет кој со години го прогласуваше за криминализиран и недостоен. Остана само молкот на оние кои вчера викаа најгласно, а денес најпослушно гласаат. Кога власта сама ги урива сопствените критериуми, не може да очекува јавноста да верува во независноста на Уставниот суд“, додаваат од партијата.

Изборот на Георгиевска доаѓа во специфичен период за Уставниот суд, по неодамнешните оставки на двајца универзитетски професори, со што дополнително се засилуваат дебатите во јавноста за професионалниот интегритет и политичкото влијание врз највисокиот суд во државата.

Македонски