КОЛАПС НА ТРАНСПАРЕНТНОСТА: 21 милион евра за „Скопје 2028“ ќе се трошат без тендери и надзор?

7

Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата и Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) алармираат за сериозни корупциски ризици во Предлог-Законот за проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028 година“. Предложениот закон, кој во Собранието се турка по скратена постапка, предвидува новата Фондација на Град Скопје да биде целосно ослободена од Законот за јавни набавки.

Ова значи дека буџет од неверојатни 21 милион евра, составен од државни и европски пари, ќе се троши според „интерни упатства“ наместо преку транспарентни тендери.

Опасен преседан: Јавни пари без јавна конкуренција

Од Платформата против корупцијата истакнуваат дека Фондацијата „Скопје 2028“, која е основана од Град Скопје, мора да има статус на договорен орган и да ги почитува законските норми.

„Исклучувањето од Законот за јавни набавки создава опасен преседан и нееднаквост на институциите. Ова не се однесува само на специфични уметнички услуги, туку се изземаат и стандардни набавки за стоки, инфраструктурни и градежни работи каде има реална конкуренција. Ова е отворена врата за корупција“, предупредуваат од Платформата.

ДКСК: Системските закони не смеат да се заобиколуваат

Антикорупционерите реагираа експресно, нагласувајќи дека заобиколувањето на системските закони преку скратени постапки е дефинирано како висок ризик во Националната стратегија.

„Секое законско решение со кое се исклучува Законот за јавните набавки мора да биде јасно и убедливо образложено. Начелата на транспарентност, отчетност и слободна конкуренција не смеат да бидат доведени во прашање, без разлика на значењето на проектот“, децидни се од ДКСК.

Од комисијата додаваат дека ако Фондацијата сепак добие сопствени правила, тие мора да ги содржат истите механизми за надзор и заштита какви што предвидува Законот.

Градоначалникот со апсолутна моќ: Концентрација на контролата во еден центар

Она што дополнително ја шокира јавноста е широката дискреција дадена на градоначалникот на Град Скопје. Иако Фондацијата ја основа Советот на Град Скопје, градоначалникот самостојно ги именува и разрешува членовите на Управниот и Надзорниот одбор, како и директорот, без никакви минимални критериуми или транспарентна постапка. Во јуни оваа година, за директор на Фондацијата беше назначен Марјан Цветковски, поранешен директор на МРТ.

Дополнителен апсурд е што Одборот на Фондацијата истовремено ќе го усвојува планот за набавки, ќе формира комисии, ќе одлучува кому ќе ги даде парите и – сам ќе одлучува по приговорите на незадоволните фирми. Со ова, целосно се елиминира независната правна заштита.

Платформата бара Собранието итно да го стопира законот, а предлагачите да го повлечат и да го објават на јавна дебата (ЕНЕР), со обврска да се избришат сите членови со кои се заобиколува Законот за јавни набавки.

Македонски