ИСПОВЕД НА ПРЕЖИВЕАНИОТ ОД ЕЛБРУС: „Не уби погрешната прогноза, а не недостатокот на искуство“
Харис Адиловиќ, еден од двајцата преживеани алпинисти од босанската експедиција која заврши трагично на Кавказ, за руските медиуми ги откри деталите за кобниот ден на Елбрус. Во несреќата што ја потресе планинарската јавност на Балканот, животот го загубија петмина негови колеги од Зеница.
Адиловиќ категорично ги отфрла сомнежите за слаба подготовка на тимот, посочувајќи дека природата и неточната метеоролошка најава биле посилни од нивната подготвеност.
Кобната одлука на планината
Според неговото сведоштво за рускиот медиум „Известија“, групата се соочила со проблеми уште на самиот почеток на искачувањето. Иако биле без професионален водич, Адиловиќ нагласува дека станувало збор за искусен тим кој добро се познавал.
„Еден од учесниците почна сериозно да смрзнува уште во почетната фаза, по што дел од тимот мораше да се врати. Ние продолживме уште стотина метри, ги обезбедивме јажињата, но кога видовме дека ситуацијата кон врвот станува се полоша, решивме и ние да се откажеме. Сепак, условите на планината веќе беа немилосрдни“, се присетува Адиловиќ.
Тимот бил подготвен, но прогнозата затаила
Тој објаснува дека алпинистите од Босна и Херцеговина се добро обучени бидејќи тренираат речиси секој викенд на домашните планини.
„Не беше во прашање физичката спремност или неискуството. Главен виновник е неточната временска прогноза. Условите на терен беа многу потешки од она што го очекувавме и за што бевме информирани пред поаѓањето“, дециден е преживеаниот алпинист.
Црн биланс: Зеница во жалост
Во трагедијата на Елбрус згаснаа животите на петмина планинари од Зеница: Мелиха Чаушевиќ, Алма Окановиќ, Денис Окановиќ, Алмир Кривдиќ и Нермин Талам.
Додека едниот од преживеаните успеал сам да се симне и да повика помош, Адиловиќ подоцна бил пронајден од руските спасувачки служби. Телата на загинатите сè уште се во фаза на извлекување, операција која е исклучително сложена поради постојаните снежни бури, силните ветрови и екстремните температури под нулата кои владеат на највисокиот врв на Европа.