ТОШКОВСКИ: Водата во Гостивар веќе е безбедна за техничка употреба, но сè уште не е за пиење

11

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, денеска информираше дека по серијата спроведени анализи и успешното хиперхлорирање на системот, водата од гостиварскиот водовод доби дозвола да се користи како техничка вода. Ова претставува прв чекор кон нормализација на состојбата во градот по масовното загадување.

Според министерот, граѓаните отсега можат да ја користат водата за лична хигиена (бањање), одржување на домовите, како и за миење на садови (чинии и чаши). Сепак, тој упати апел за претпазливост и нагласи дека строгата забрана за пиење и подготовка на храна со оваа вода останува на сила.

„Со безбедноста на граѓаните играње нема“

Тошковски упати благодарност до жителите на Гостивар за нивното трпение, како и до сите тимови кои деноноќно работеа на терен за дезинфекција на мрежата. Истовремено, тој испрати остра порака до менаџментот на локалните претпријатија задолжени за водоснабдувањето.

„Ова нека биде поука за сите. Еднаш засекогаш одговорните мора да почнат да постапуваат максимално професионално и во рамките на нивните законски надлежности за контрола на водата. Со безбедноста и здравјето на граѓаните нема играње“, дециден е Тошковски.

Испораката на флаширана вода продолжува

Додека се чекаат дополнителни анализи кои треба да потврдат дека водата е безбедна и за конзумација, државните институции ќе продолжат со дистрибуција на флаширана питка вода за населението.

„Во постојана координација сме со локалните власти. Се надевам дека многу скоро ќе дојдеме до фаза кога анализите ќе потврдат дека водата е безбедна за секаква намена, вклучително и за пиење“, додаде министерот на прес-конференцијата одржана во Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Институциите продолжуваат со мониторинг на параметрите на водата сè додека не се обезбедат три последователни исправни примероци кои би значеле целосно укинување на забраната.

Македонски