ВОЈНА СО „МАРКЕРИ“ И СТАТУСИ: Муцунски му одговори на Османи – „Ти си последната личност што може да дели лекции“
Политичката сцена повторно се разгоре на темата за евроинтеграциите и преговарачката рамка со ЕУ. Поранешниот министер за надворешни работи, Бујар Османи, се врати на својот препознатлив метод на објаснување со маркер и бела табла, на што доби експресен и остар одговор од актуелниот шеф на дипломатијата, Тимчо Муцунски.
Османи на социјалните мрежи сподели видео во кое се обидува графички да ја демонтира тезата дека договорот со Бугарија е пречка за патот кон Брисел.
Османи: Прашањата со Бугарија се во делот каде што не се гласа
Во своето предавање на бела табла, Османи тврди дека преговарачката рамка е поделена на општ и специјален дел.
„Договорот со Бугарија и прегледите од член 12 се наоѓаат токму во општиот дел. За нив Европската комисија не поднесува писмен извештај, ниту пак земјите членки гласаат во Европскиот совет. Оттука, тие не можат да бидат кочница на патот кон ЕУ“, објаснува Османи.
Според него, вистинските скалила се 35-те поглавија во специјалниот дел, а единствена хипотетичка пречка би можел да биде Акцискиот план за малцинства, кој вели дека е општ и не таргетира само една специфична заедница.
Муцунски: Османи има најмалку легитимитет да зборува
Актуелниот министер Тимчо Муцунски не остана должен и упати тешки критики кон својот претходник, обвинувајќи го за извртување на фактите и оставање на државата во незавидна позиција.
„Бујар Османи е последната личност која има право да дели лекции. Тој многу добро знае што преговараше, што прифаќаше и во каква позиција ја остави државата. Наместо да троши енергија на спинови и толкување на туѓи изјави, требаше да покаже одговорност“, дециден е Муцунски.
Министерот го потсети Османи и на изборниот резултат, посочувајќи дека политичар кој ја изгубил довербата во сопствената средина, како Чаир, нема легитимитет да му предава на народот.
„За разлика од неговите манипулации, позицијата на оваа Влада е јасна и принципиелна од првиот ден. Со дела покажавме доследност и заштита на македонските национални интереси, наспроти обвинувањата дека ќе попуштиме. Граѓаните точно знаат кој ја доведе државата во оваа ситуација“, порача актуелниот министер за надворешни работи и надворешна трговија.
Овој дуел на далечина меѓу поранешниот и сегашниот министер само ја потврдува длабоката поларизација во државата околу условите под кои Македонија треба да го продолжи својот пат кон полноправно членство во Унијата.