ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ го штити Валбон Лимани наместо да бара одговорност за труењето во Гостивар
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ упати остри критики до СДСМ, обвинувајќи ја опозициската партија дека свесно го избегнува прашањето за одговорноста на градоначалникот на Гостивар, Валбон Лимани. Според партијата, СДСМ се обидува политички да профитира од здравствената криза, додека истовремено го амнестира својот коалициски партнер.
Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека СДСМ, поради коалицијата со ДУИ и крилото на Таравари, не се осмелува директно да го прозве Лимани за скандалот со загадената вода, иако тој е на чело на локалната власт која потфрлила во справувањето со проблемот.
„Лимани вели дека не чувствува вина, а градот е во епидемија“
Во партиското соопштение се нагласува дека локалната самоуправа во Гостивар доцнела со секаква реакција и интервенција, оставајќи го товарот на централните институции.
„Градоначалникот Лимани изјавува дека не чувствува никаква вина, иако не успеа да ја менаџира кризата. Додека тој молчи, Владата преку СОЗР секојдневно обезбедува над 60 тони вода за пиење и технички потреби за гостиварчани. Министерството за здравство и ИЈЗ постојано се на терен и спроведуваат мерки за сузбивање на епидемијата“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Истрагата напредува, СДСМ треба да се извини
Од владејачката партија потсетуваат дека веќе има приведени лица и дека надлежните органи работат на обезбедување цврсти докази кои ќе бидат доставени до Обвинителството за целосно расчистување на случајот.
„СДСМ треба да им се извини на граѓаните затоа што секоја несреќа се обидува да ја претвори во тема за собирање политички поени. Наместо да испраќаат партиски кадри да делат совети за прославата на независноста, треба јасно и гласно да побараат одговорност од градоначалникот Лимани за неговата неспособност која го загрози здравјето на илјадници луѓе“, се додава во соопштението.
ВМРО-ДПМНЕ заклучува дека одговорноста е неизбежна и дека никој, без оглед на коалициските пазари на опозицијата, нема да биде поштеден од законските последици за загрозување на јавното здравје.