РЕВОЛТ ВО СКОПЈЕ: „Сами најдете си мајстор“ – ЕВН по 24 часа без струја ги остави граѓаните да се снаоѓаат

6

Жители на главниот град, кои по силното невреме останаа без снабдување со електрична енергија, изразуваат остра критика до професионалноста на ЕВН Македонија. Тие реагираат на исклучително бавната реакција и, како што велат, крајно арогантниот однос на екипите на терен кои наместо решение, им порачале сами да ги санираат дефектите.

Според сведоштвата на револтираните граѓани, по повеќе од 24 часа чекање и десетици јавувања во контакт-центарот, екипа на ЕВН конечно се појавила на локацијата, но само за да констатира дека дефектот не е нивна надлежност.

Кабел под напон 24 часа лежел во двор под паднат бор

Граѓаните се особено загрижени за безбедноста, нагласувајќи дека повеќе од 20 пати пријавиле опасност по животот во нивниот двор.

„Повеќе од 20 пати пријавувавме дека во дворот, под паднат бор, има искинат кабел под висок напон. Очекувавме итна интервенција поради безбедносен ризик, но наместо тоа, по 24 часа ни беше кажано самите да си најдеме мајстор. Ако ова не е нивна надлежност, диспечерите можеа да ни го кажат тоа уште првиот час, а не да не остават да чекаме цел ден за информација која не решава ништо“, вели еден од засегнатите жители.

„Професионалци само кога треба да се наплатат сметките“

Во реакцијата се посочува дека како компанија која редовно ги наплатува своите побарувања, ЕВН мора да покаже поголема координација и општествена одговорност во услови на елементарна непогода.

„Штетата во дворот е голема, дополнително сега ќе имаме и штета по џебот за приватни мајстори, а сè уште сме без струја. Барем можеа да понудат решение, точни насоки или помош во координацијата, наместо едноставно да кажат: „Снајдете се“. Очигледно, експедитивноста на ЕВН важи само кога треба да стигне сметката за плаќање“, додаваат граѓаните.

Овој случај отвора прашање за протоколите на енергетските компании при вонредни состојби и границата на нивната одговорност кога станува збор за безбедноста на корисниците и одржувањето на мрежата по природни катастрофи.

Македонски