ПОЛНОЌНА РАЦИЈА ВО ТЕТОВО: Запленета дрога, пронајдени ножеви и приведени четири лица во угостителски објекти

9

Заплена на наркотици фрлени во задниот дел на локал, неколку пронајдени ножеви и омаловажување на полициски службеници е епилогот од обемната акциска контрола што СВР Тетово ја спроведе во текот на изминатата ноќ во повеќе угостителски објекти на подрачјето на Тетово.

Полициските тимови, во периодот од 23:30 часот до 02:00 часот по полноќ, извршија ненајавени претреси во кафулиња и ресторани со цел одржување на јавниот ред и мир и сузбивање на криминалитетот во ноќниот живот.

Пронајдена дрога зад објект во Тетово

При деталниот преглед во еден од контролираните објекти во градот, инспекторите зад зградата пронашле две скриени кесиња со бела прашкаста материја. Според првичните сознанија, дрогата била намерно исфрлена за да се избегне лична одговорност при полициската проверка.

Приведени три лица со ладно оружје и еден за напад врз службеници

Како резултат на рацијата, слобода се лишени четири лица:

  • Е.Р. (29) од с. Камењане, С.А. (24) од Гостивар и С.Ј. (59) од с. Голема Речица се приведени откако кај нив биле пронајдени ножеви.
  • А.А. (23) од с. Ново Село е приведен поради дрско однесување и омаловажување на полициските службеници додека ги извршувале службените дејствија.

„По целосно документирање на сите поединечни случаи, СВР Тетово против приведените ќе поднесе соодветни кривични и прекршочни поднесоци до надлежниот суд“, се вели во соопштението на Министерството за внатрешни работи.

Од полицијата најавуваат дека ваквите засилени контроли во ноќните клубови и угостителските објекти ќе продолжат и во наредниот период со цел да се гарантира безбедноста на граѓаните и да се спречи поседувањето на оружје и недозволени супстанции.

Македонски