КРИЗА ВО ГОСТИВАР: Сеуште никој не знае што се случува во Гостивар, Мицкоски најавува одговорност, Клековски во инспекција
Здравствениот колапс во Гостивар добива сериозни димензии откако бројот на граѓани со симптоми на труење надмина 1.000 лица. Премиерот Христијан Мицкоски денеска упати остра порака дека случајот е шокантен и дека секој што постапил несовесно ќе сноси одговорност пред лицето на правдата.
Ситуацијата дополнително се заостри откако во изминатите 24 часа беа регистрирани дополнителни 260 интервенции. Министерот за здравство, Сашо Клековски, денеска изврши увид во Општата болница „Д-р Ферид Мурад“, каде потврди дека состојбата е сериозна, особено кај децата и хронично болните.
Мицкоски: Неверојатно е некој свесно да го загрози здравјето на граѓаните
Премиерот Мицкоски, за време на посетата на Општина Дебарца, истакна дека сите надлежни институции се на терен и дека истрагата под надзор на Обвинителството напредува брзо.
„За мене е шокантно што луѓе можат толку дрско и несовесно да се однесуваат. Просто е за неверување дека некој одлучил да направи такво нешто. Нема така да помине – ќе има одговорност за тој што ја издал наредбата и за тие што го извршиле ова. Одговорноста ќе биде констатирана низ соодветни судски процеси“, дециден е Мицкоски.
Клековски: Резултатите се очекуваат, епидемија сè уште не е прогласена
И покрај масовноста на инфекцијата, министерот Клековски појасни дека прогласувањето на епидемија ќе почека додека не се добијат конечните микробиолошки и хемиски анализи. Се испитува присуство на вируси, бактерии, паразити, но и на тешки метали.
„Повеќето пациенти се пуштени на домашно лекување, но мора да бидеме крајно внимателни. Најважно е да се спречи натамошно ширење во услови на високи температури кои се идеални за бактериски инфекции“, изјави Клековски.