СДСМ: Мицкоски го фали НАТО, а со години беше против членството – тоа е врвно лицемерие
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) упати остри критики до премиерот Христијан Мицкоски и шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски, обвинувајќи ги за политичко лицемерие и присвојување на успесите на претходната власт во однос на евроатлантските интеграции.
Од опозициската партија реагираат по изјавата на министерот Муцунски во Брисел, кој НАТО го нарече „феноменална работа“ за безбедноста и за странските инвестиции. СДСМ потсетува дека токму ВМРО-ДПМНЕ со години беше главниот кочничар на овој процес.
„До вчера беа против, денес се китат со туѓи перја“
„Граѓаните не смеат да заборават дека до вчера Мицкоски и неговата партија беа остро против влезот во НАТО. Истите тие кои денес се фалат со унапредување на соработката со Алијансата, се противеа на членството, исто како што денес се противат на европскиот пат на државата“, се вели во соопштението на СДСМ.
Од партијата потенцираат дека сите клучни државотворни одлуки, од полноправното членство во НАТО до зацврстувањето на евроатлантската ориентација, биле донесени од СДСМ како неопходни чекори за иднината на државата.
Пад на инвестициите и заштита на криминалот
Опозицијата обвинува дека наместо напредок и економски бенефит од безбедноста што ја нуди НАТО, политиките на актуелната власт довеле до драматичен пад на инвестициите.
„Наместо раст на инвестициите, имаме пад од 60 проценти поради нивните политики. Наместо напредок, граѓаните добиваат економски колапс и ослободување на криминалци. ВМРО-ДПМНЕ не ја штити државата, туку ја штити сопствената криминална структура, враќајќи го нелегално стекнатиот имот во рацете на тие што го украле“, обвинуваат од СДСМ.
Изолација наместо интеграција
Заклучокот на СДСМ е дека декларативната поддршка на Мицкоски за НАТО е само маска за политиките кои ја држат Македонија во меѓународна изолација.
„Тоа не е државотворност. Тоа е лицемерие и свесно уништување на европската перспектива на Македонија. Мицкоски денес го фали НАТО сојузот, но неговата реална политика ја држи земјата далеку од европските структури“, стои во реакцијата.