Советот на Битола одлучува: Бесплатен паркинг за лица со аутизам и нови дејности за јавното претпријатие

5

Советот на Општина Битола денеска ја одржува својата 14-та редовна седница, на која пред советниците ќе се најдат неколку значајни предлог-одлуки од областа на социјалната заштита, јавниот превоз и спортот.

Повластен паркинг и проширување на дејноста на „Паркинзи“

Една од клучните точки на денешната седница е предлог-решението за воведување бесплатни паркинг услуги за лицата со аутистичен спектар. Советот треба да даде согласност на Правилникот со кој се дефинираат условите и постапката за издавање на повластена паркинг карта, со што Општина Битола прави значаен чекор кон зголемување на инклузивноста и поддршката на оваа категорија граѓани.

Истовремено, советниците ќе расправаат и за проширување на дејноста на Јавното претпријатие за паркирање (ЈППЈЛП), како и за измени на неговиот Статут. Оваа одлука е насочена кон подобрување на ефикасноста на претпријатието во делот на уредувањето и организирањето на јавниот локален превоз на патници.

Финансиски извештаи за спортските клубови

На дневен ред се ставени и завршните сметки за 2025 година на најголемите спортски брендови во градот. Советниците ќе ги разгледуваат финансиските извештаи на фудбалскиот клуб „Пелистер“, ракометните клубови „Еурофарм Пелистер“ и „Еурофарм Пелистер 2“, како и на кошаркарскиот клуб „Пелистер“.

Економски план и нови вработувања во образованието

Дневниот ред вклучува и усвојување на Акцискиот план на Локалниот економско-социјален совет (ЛЕСС), кој треба да го трасира патот за понатамошен економски развој на општината. Дополнително, ќе се одлучува и за годишните планови за вработувања во неколку основни училишта и едно средно училиште во Битола, со цел навремено екипирање на наставниот кадар за потребите на образовниот процес.

Македонски